Плажа „Шанел“ среде Париз!

3 октомври 2018

Ако постоел некаков сомнеж дека Карл Лагерфелд веќе ги истрошил сите свои идеи за импозантна сценаографија за неговите ревии, веќе во следниот момент тој среде Париз создава сосема реалистична сцена на плажа покрај океан и тука сомнежот исчезнува.

Кога се работи за амбиентот во кој тој ќе ви ја долови својата идеја, ништо не е едноставно или очекувано, а така беше и овој пат кога колекцијата на Шанел за пролет-лето 2019 беше промовирана покрај звуците на брановите на океанот покрај егзотична плажа со ситен песок.

Неверојатната реалистична атмосфера го доловува чувството на летната лежерност, ама луксузот е присутен и во таква форма кога Шанел е во прашање.

Моделите по песочната писта се движеа со чевлите или сандалите во рака, со сламени шешири на глава, со по две чанти преку рамо и со логото на брендот присутно во дизајнот на облеката во различни варијанти.

Колоритот на океанот е реплициран и во палетата на бои што доминираат во колекцијата, со акцент на пастелните нијанси, покрај безвременските црна, бела и беж тоновите.

Карактерот на Коко е присутен во секој сегмент на колекцијата, споен со духот на 80-те години препознатливи по предимензионираните кроевите со широки рамена.

Објавено:
3 октомври 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
619 пати