Политика преку сензационализам на шоуто на Канје Вест

12 февруари 2016

Една од најпровокативните личности во шоу-бизнисот, Канје Вест на првиот ден од Њујоршката модна недела ѝ понуди на публиката она што и веќе навикна да го очекува од него – повеќе сензација и политика, а најмалку мода.

Пред 18.000 посетители во Медисон сквер гарден, ја промовираше новата колекција Yeezy Season 3 во соработка со Адидас паралелно со неговиот нов албум „The life of Pablo". Се разбира, најголем дел од посетителите беа негови фанови, а во првите редови неизбежно беа сместени кланот Кардашијан меѓу кои и Кејтлин Џенер која ретко кој дизајнер успева да ја „придобие" како гостинка.

Под огромниот шатор, на високите платформи пред публиката се појавија сите црномурести модели предводени од ѕвездата Наоми Кембел, се разбира покрај Канје. Поентата на целото шоу, почнувајќи од кастингот па се до сценографијата и кореографијата, се сведуваше на канализирање на вниманието на светската јавност кон бегалската криза.

Се добива впечаток дека после ова сензационалистичко шоу, најмалку ќе се зборува за колекцијата која во основа е спортска, инспирирана од уличната мода, но со футуристички предзнак - без иновативни отстапувања во однос на претходните. Она за што се отвора дискусија после првиот ден на модната недела во Њујорк е дали Канје навистина успева во својата намера драстично да го промени нејзиниот курс?

Објавено:
12 февруари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
512 пати