Последниот ден на Париската модна недела во знакот на Миу Миу, Луј Витон и Ермес

2 октомври 2014

Последниот ден на Париската модна недела брилираше со сиот свој сјај и убавина. Честа да ја затворат француската модна бајка ја имаа: Миу Миу, Луј Витон и Ермес, кои понудија вистински моден спектакл за паметење.

                                                                                                                    Миу Миу

Ревијата на модната куќа Миу Миу како и секогаш беше една од најочекуваните на последниот ден од Париската модна недела, а Миуча Прада и овој пат не ги разочара своите обожаватели и почитувачи на нејзината работа.

Како и поголемиот дел дизајнери, оваа сезона и креаторката Миуча Прада инспирација црпеше од носталгичните емоции. Нејзиниот краен резултат според мислењето на присутните е едноставно кажано- оригинален. Дизајнерката одлучи ревијата да стартува со неколку креации кои се дел од архивското модно богатство на куќата, а истите изгледаа како младите девојки буквално да го „облекле“ плакарот на своите мајки и ги стилизирале парчињата според својот сопствен стил. Моделите на карирани молив здолништа беа комбинирани со пресечени топови скроени според дизајнот на кошулите од 70-тите години на минатиот век, надополнети со мноштво слатки карнери. Дизајнот пак на панталоните е во едноставна и права линија, а моделите беа комбинирани со истите карнерни топови, како и капути и палта со строги линии. Модниот перформанс на Миу Миу претставуваше вистинско богатство од различни материјали и текстури кои сведочат за  конкретна временска епоха и се карактеризирани како безвременски. Силуетата на манекенките дополнително беше нагласена со комбинацијата на ремени на половината, а впечатлива завршница на стајлингот му дадоа инвентивните чевли и чизми на високи потпетици кои беа декорирани со масивни панделки.

                                                                                                                Луј Витон

Николас Гескиер својата нова колекција имаше чест да ја претстави во новиот музеј на LVMH, дело на архитектот Франк Гехри.

Втората колекција на Николас Гескиер, за модната куќа Луј Витон се очекуваше со големо нетрпение, особено по огромниот успех на првата. Во уште еден наврат дизајнерот ја прикажа својата модна перцепција на 70-тите години, деценија која ја опиша како посебно важна за модната куќа, бидејќи тоа е приодот кога е зачнат стилот на неговите главни ѕвезди. На пистата девојките дефилираа во мини здолништа, кратки топови и костими кои беа комбинирани со панталони со висок струк. Најважниот и најчестиот користен материјал во колекцијата е светкавото кадифе, обвиткано со психоделични принтови кои дизајнерот ги видел во Лос Анџелес и добил инспирација да ги вметне во својата нова колекција.

Навистина е интересен фактот и умешноста на модните дизајнери една временска епоха да ја претстават на различен начин со различен фокус на кројот, дизајнот и целосниот изглед воопшто. На изминатите модни ревии во Њујорк, Лондон, Милано и Париз, 70-тите години беа вистински хит и кога се чинеше дека видовме се, Николас Гескиер го докажа токму спротивното. Карактеристичните А- кроеви беа декорирани со вертикални и хоризонтални црни или жолто – црвени пруги аплицирани на кожени материјали. Фустаните со долги ракави и плисирани долни делови одлично се движеа по пистата, заедно со моделите во комбинација со високи кожени чизми. Женственоста на моделите е нагласена со помош на деталите дизајнирани од сјајна кожа, додека белите варијанти симболизираа чистина и едноставност. Високите чизми на неколку места беа заменети со ниски  до глужд во црна и златна боја, а сигурни сме дека голем број обожаватели на брендот и трендсетерките најмногу беа воодушевени од моделите на чанти кои како што напоменавме добија ново модернизирано лого кое во основа го задржа својот идентитет, само со задебелен фонт на буквите за да се постигне максимална впечатливост.

                                                                                                                       Ермес

Од позвучните модни имиња задоволството да се најде во последните величествени ја имаше модната куќа Ермес, за да му се оддаде достојно збогум на креативниот директор Кристоф Лемер.

Францускиот дизајнер дојде во Ермес на функцијата креативен директор во 2010-та година. Четирите години на неговото владеење го промени во целост креативната насока на брендот. За голем број обожаватели и почитувачи на овој бренд тешко им падна одлуката на Лемер за трајно заминување од модната куќа. Всушност, пред само некој ден Жан Пол Готје се збогува со својата верна публика презентирајќи ја својата последна prêt – a – porter колекција, за целосно да се посвети на создавање блескави креации во високата мода. Дизајните на Кристоф Лемер сега ќе можат да се видат само во рамките на неговиот сопствен бренд кој го носи неговото име. Што се однесува за Ермес, новата колекција за наредната зимска сезона ќе биде создадена под раководството на нов креативен директор. Веќе на големо се шпекулира дека на местото на Лемер ќе биде поставен Ванхел Сибулски кој работи како директор на дизајн во модната куќа на сестрите Олсен, „The Row“.

Главен извор на инспирација за последната колекција, Лемер најде во пустината. Како и Џорџо Армани и тој им е восхитува на песочните дини и „жонглира“ со различните беж нијанси. Но, ако италијанскиот дизајнер гледа на пустината како прекрасно и осамено место полно со нереални магични призори, французинот на пустината и приоѓа со вистински реална перцепција. Меки набори, хармонични преливи на карамелни и бели тонови во чии контури се врежани мултислоевитите изгледи на едноставниот крој. Предимензионираните модели ги претставуваат номадите кои се единствените жители во пустинските предели и наликуваат на мистериозни патници кои чекаат да ја откријат вистината за пустинските легенди.

Објавено:
2 октомври 2014
Категорија: 
Колекции