Претпоследниот ден од модната недела во Париз во знакот на Шанел

1 октомври 2014

collageglavna

Претпоследниот ден на Париската модна недела беше резервиран за Шанел, Валентин Јудашкин, Валентино и Александар Меквин. Доволна причина за сите љубители на модата да останат возбудени и да видат што овие брендови понудија за претстојната сезона.

Валентин Јудашкин

collagejudashkin

За тоа дека Валентин Јудашкин е мајстор за вечерни тоалети, не треба посебно објаснување. Тоа го покажа и вчера на Париската модна недела преку фустаните со цветен принт. Она што ги  направи нив посебни се омилените цвеќиња на дизајнерот - хортензии, кои се рачно насликани на ткаенините. Крајниот изглед беше нежен, необичен и смел. Но, она во што можеби повеќе не' изненади Јудашкин се секојдневните креации. Без многу експериментирање, Валентин направи класични парчиња, во голема мерка минималистички, но тотално модерни и привлечни за младата популација. Дел од нив, како широките јакни со дворедно закопчување не' потсетија на 1980-тите, но сепак, целата колекција беше комплетно модерна, тренди, свежа и романтична.

Шанел

collagechanel

Од Шанел секогаш се очекува нешто ново и шокантно. Лагерфел и овој пат не потфрли. Создаде булевар „Шанел бр. 5“, каде ги собра жените на протест со феминистички слогани, облечени во пролетната колекција на брендот. Дизајнерот откри дека концептот го осмислил за 24 часа, а се одлучил за област што добро ја познава:

-Сметав дека ќе биде интересно да направам демонстрации на тема кон која можам одлично да се адаптирам. Имено, мајка ми беше феминистка и добро ја познавам историјата на ова движење - вели Лагерфелд.

Тој исто така со оваа постапка сака да потсети и на протестите од мај 1968 година во Париз кога, како вели, не почувствувал поголема слобода во градот од тогаш. “Тогаш никој не можеше да им каже на луѓето кои работи не се дозволени. Денес, се' е забрането. Политичката коректност уби се'“. А кога е облеката во прашање, дел од креациите се изработени од препознатлвите ткаенини и бои, а она што особено привлече внимание се цветните здолништа и блузи, како и чизмите со истиот принт, што внесуваат динамичност. Широки панталони, палта, кратки фустанчиња, здолништа, колекцијата од дури 88 комбинации содржи за секого по нешто. Ремените со chanel натпис се едно од задолжителните модни додатоци за пролет. Во зависност од тоа дали сакате сиви нијанси, тегет-бели комбинации, живописни цветни или црни, одберете го вашиот фаворит.

Александар Меквин

collagemekvin

И од оваа модна куќа се одлучија гладијаторските сандали да бидат must-have за следната сезона. Речиси сите модели се во црна боја или со одреден  принт, дезен на црна основа во комбинација со бела и црвена. Дел од моделите се во вид на мрежа, а најзастапени се кусите здолништа, фустани и панталони и палта. Последните креации од ревијата се во розови нијанси, повторно во комбинација со црна боја, а долните делови од фустаните се во форма на расцветан цвет.

Валентино

collagevalentino

Како и секогаш, Валентино презентираше поетична и грациозна колекција што ги остави без здив сите присутни. Инспирирани од секогаш мотивирачката Италија и нејзините совршени убавини, тимот на Валентино претстави мистични и помалку рустикални парчиња од нежна свила, многу тантела во боја, апликации од пурпурни цветови и вистинско виножито од бои. Дизајнерите овој пат доза внимание му посветија и на мистичниот подводен свет, па покрај прекрасните сини нијанси кај совршените фустани, тие аплицираа и по некоја морска ѕвезда и растенија од длабокото сино море. „Во овој момент од живеењето кога сѐ е синтетичко, дигитално и еднолично, на луѓето им треба нешто за што ќе сонуваат. За да сонуваш, треба да почувствуваш нешто, не само да го видиш тоа, туку да се соживееш со истото, едноставно – вистински да го почувствуваш“, велат од тимот на брендот. Како што и самите опишаа, нивната колекција дефинитивно беше нешто за што вреди да се сонува!

Објавено:
1 октомври 2014
Категорија: 
Колекции