Секоја ревија на „Шанел“ е нова приказна. Последната е посветена на природата и нејзината моќ, а во неа веќе со децении главен лик, или модниот херој е Карл Лагерфелд.

Тој е креативецот кој веќе 34 години го одржува „Шанел“ во самиот врв. Речиси и да не прави грешки и со гордост ја продолжува работата на легендарната Коко.

Овој херој секогаш поставува високи цели и секогаш одново успева да ги воодушеви љубителите на модата, а на колегите да им зададе нова задача и главоболка.

„Шанел“ вчера имаше уште една ревија, пролетна, во рамки на модната недела. Местото на одржување е исто „Grand Palais, но Лагерфелд направи повторно да изгледа поинаку.

Во време кога сите се оддалечуваме од природата, а се доближуваме сè повеќе до телефоните и компјутерите, дизајнерот реши да нè однесе надвор. Затворениот простор го претвори во прекрасна клисура со водопад висок 30 метри. Кај Лагерфелд мора сè да е во импозантни големини.

Покрај водопадите прошетаа моделите облечени во креации од твид, плетенини, џинс. Видовме разиграни комбинации од веќе познати ткаенини. Кроевите се спој на естетика од 60-тите и 80-тите. Особено внимание прилекоа модните додатоци – транспарентните, најлонски чизми, шапки и ракавици, за кои дизајнерот одлучи дека ќе бидат совршен избор за приближување на новите генерации. Модните магазини веќе сметаат дека тоа е must-have за следната сезона и со тоа дизајнерот ја заврши својата работа. Неговата тајна е што на веќе добро познатите елементи, вметнува само по нешто ново и веќе добива свежина и актуелност, за која другите многу повеќе треба да се помачат.

На пример, генерацијата на Каја Гербер, ќерката на Синди Крафорд, која беше дел од изборот на Лагерфелд и за која веруваат дека ќе биде неговата нова пуленка, после Кара Делевињ и Кендал Џенер.

Ова некој може да го толкува и во насока дека на сметка на сценографијата и факторот шоу, дизајнерот го затскрива недостигот на свежи идеи.

Сепак, на Лагерфелд не може да му се приговара и тоа од повеќе причини – авторитативниот став, енергијата, досетливоста, креативноста, констатноста...

Додека другите модни куќи и дизајнери ги намалуваат ревиите и производството, поради напорниот и набиен ритам во модната индустрија, Карл како да нема 83 години. Освен за „Шанел“, тој подеднакво е посветен и на „Фенди“, својот бренд, а покрај тоа редовно остварува соработки со други брендови, притоа и фотографира, а присутен е и на сите поважни модни настани.

Зад очилата за сонце, препознатливата фризура и облека, тој некогаш навистина прави да се посомневаме во тоа дали вистински постои.

Објавено:
4 октомври 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
470 пати