Принтови, фантазија и сексапил за старт на Лондонската модна недела

20 февруари 2017

Од Њујорк, модниот свет се пресели во Лондон. Модната недела во британската престолнина започна викендов, а меѓу првите трендовите за есен 2017 ги презентираше брендот Versus Versace.

Очекувано, црната боја беше доминантна, а ја комбинира со бордо, сина и розова. Тесните панталони и фустани се нешто што е главен тренд според Донатела Версаче, како и „спуштените“ раменици. Кожата е исто така задолжителна за следната есенка сезона. Има и неколку комбинации од џинс, како и плетенини. Кога се работи за овој бренд, сексапилот е секогаш присутен, па и оваа колекција не е исклучок.

Транспарентните ткаенини и кроеви што ја следат линијата на телото одлично се вклопуваат со оние широките.

Версус Версаче, есен 2017

 

Викендот го одбележаа и интересните ревии на Мери Катранзу и „Темперлеј Лондон“

Младата дизајнерка Катранзу претстави колекција инспирирана од цртанот на „Дизни“ – „Фантазија“ од 1940-тите. Океанот од бои што се прелеваат е фасцинантен. Дизајнерката е позната по комбинирањето на принтовите, па така и беше овој пат. Лебедите како принт доминираа и одлично се вклопија во целата приказна. Инаку, со оглед на тоа дека цртанот датира од 1940-тите, и кај креациите беше протната таа нишка -  силуети каде се забележува влијанието на ноар филмот, потоа големи раменици, крзно, и одела од твид.

За доживувањето да биде уште подобро, Катранзу најми филхармонија, поточно (Royal Philharmonic Orchestra), која свиреше во живо. Некои ќе речат дека ова за Мери е дури и сведена колекција, но „смиреноста“ што ја понуди сосема нè однесе во еден убав свет на фантазијата и создаде креации кои истовремено се интересни, необични и пред сè носливи.

Мери Катранзу, есен 2017

 

А кога сме кај принтовите, особено интересна е и ревијата на „Темперлеј Лондон“. Со цветни мотиви и апликации, широки здолништа и кошули, дел од оваа колекција ќе ве потсети на пролет и на креации со етно мотиви. Сепак, зборуваме за парчиња што одлично можат да се вклопат речиси во сечие секојдневие. Покрај цвеќињата, брендот понуди и принт со усни (затворени и отворени), како и креации од светкави ткаенини и кадифе (кој сепак не е доминантен).

Очигледно дека од брендот сакале да опфатат поглема целна група, па понудија комбинации и за оние што ја сакаат скромноста, и оние што го преферираат сексапилот (но оној софистициран), како и оние што сакаат да се чувствуваат гламурозно.

Во продолжение погледнете ја колекцијата, која веруваме ќе ве инспирира.

Темперлеј Лондон, есен 2017

Објавено:
20 февруари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
299 пати