„Поминав доста време размислувајќи за тоа што би требало Херера да биде, што всушност е? Треба да биде бренд кој ќе нуди облека за жени како госпоѓата Херера, за жени кои го живеат животот целосно, кои сакаат боја, кои се полни енергија, кои не се срамежливи...“, изјави Вес Гордон, новиот креативен директор на модната куќа Каролина Херера.

Модните критичари посочија дека неговата прва колекција за брендот е навистина импресивна, забавна, полна бои и силна.

Во некои моменти, со неговите креации тој го открива новиот правец кон кој се движи куќата, односно кон освојување на нови и млади клиенти кои сакаат забава.

На пистата можевме да видиме навистина интересни парчиња, почнувајќи од колоритни лелеави фустани, за потоа да видиме совршено скроени костими од твид, плетени фустани, фантастични бели кошули од тантела и памук, како и здолништа во А – крој изработени од интересни материјали.

Секако, дизајнерот прикажа и неодоливи палта украсени со брилијантни детали, фустани со вез и тул на ракавите, а особено интересен беше миксот од повеќе принтови, насликан на супер тренди парчиња.

Каролина Херера дамата и следната пролет ќе носи раскошни фустани, па така младиот дизајнер не заборави да создаде магија по која модната куќа е позната.

Подеднакво впечатливи беа и високите кожени чизми во неколку бои кои дополнително беа украсени со колоритни везови од страните.

Сите модели од првата колекција на Вес Гордон за брендот ги гледате погоре во галеријата.

Извор и фото: WWD

Објавено:
12 септември 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
804 пати