Модниот бренд „Прада“ неодамна го одржа своето прво модно шоу посветено на „патувачката“ сезона. Но, за разлика од другите куќи, кои одбираат егзотични места, со цел да одговарат на темата, од италијанскиот бренд се одлучија колекцијата сепак да се одржи во Милано, во „Галерија Виктор Емануел II“, еден од најубавите трговски центри во светот.

Во близина е отворена и првата продавница на дедото на Миуча Прада, Марио, во 1913 година.

„Никогаш не сакав некоја колекција да ја нарекувам Ресорт. За мене ревија е ревија... но ми кажаа дека така ќе биде подобро да се разбере и јас се согласив – признава дизајнерката.

Што се однесува до парчињата, колекцијата е спој на спортската естетика со женственоста и луксузноста. Во таа насока, ќе го забележите зачестеното присуство на кристалите, пердувите од ној...

Транспарентноста е она што Прада го става во преден план за меѓусезоната.

-Сакав да направам модернистичко шоу, затоа и го одбравме ова место, каде што одлично се вклопуваат осветленоста и индустрискиот стил. Мошне инспиративно... Токму затоа, сакав да создадам и современи парчиња, кои од спортски преминуваат во елегантни. А транспарентноста е нешто во што се вљубив. Не знам зошто. Тоа е многу деликатно, бидејќи се работи за голо тело. Сум работела и трендови и работи на кои не сум им наклонета, но ова ми се допаѓа навистина.

Затоа доколенки со геометриски елементи и патики во комбинација со плисирани нежни здолништа и транспарентни кошули изгледа како одлично решение на замислата.

Во колекцијата се застапени и фустани, водоотпорни јакни, парчиња од „шушкав“ тафт.

 И за оваа колекција „Прада“ соработуваше со визуелниот уметник и илустратот Џејмс Џин, кој го создаде принтот со зајак и принтот „liberty“, видени на повеќе парчиња.

Со оглед на тоа дека ова не отстапува многу од вообичаената естетика на брендот, веруваме дека нивните обожаватели и почитувачи веќе ги одбрале омилените парчиња.

А во галеријата погоре можете да ја видите целата колекција:

Објавено:
9 мај 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
240 пати
Тагови: 
Прада ресорт 2018