Од вчера, па до шести јули во Париз ќе се одржува неделата на Висока мода, а честа да ја отвори имаше брендот „Родарте“. Сепак, веруваме дека токму ваквиот почеток збуни многумина.

Вистинските љубители на haute couture не преферираат кога во деновите предвидени за овој дел од модниот свет, ќе се „вмеша“ нешто „обично“, но последните случувања во модната индустрија го наметнаа тоа.

Rodarte ss18; фото извор: WWD/Giovanni Giannoni

Имено, „Родарте“, како и брендот „Проенца Скулер“ ја напуштија модната недела во Њујорк, ги скратија своите годишни шоу-а и одлучија да се фокусираат на Париз.

Токму затоа, наместо ревии од Висока мода, овие брендови ги претставија колекциите за пролет-лето 2018 година.

За „Родарте“ ова беше уште позначајно, имајќи предвид дека ова е воопшто првата ревија на брендот во лулката на модата. Пред софистицираната француска публика, тие претставија романтична ревија, во атмосфера на прекрасна париска градина.

Rodarte ss18; фото извор: WWD/Giovanni Giannoni

Совршениот амбиент придонесе и нивните креации да се доживеат што подобро. Всушност, брендот не отстапи многу од досегашната естетика.

Лелеавите ткаенини и карнерите се апсолутно во центарот на вниманието. Комбинациите на тул, тантела, тенка свила изобилуваат, продолжувајќи со трендот на, како што споменавме, карнерите, цветните принтови и апликации. И боите се нежни, од пастелно жолта, преку шеќерни нијанси, до бела.

Rodarte ss18; фото извор: WWD/Giovanni Giannoni

Контраст на ова, а сепак во склад со останатото беа црните парчиња, поточно комбинација на креации од тантела во спој со оние од кожа со нитни и патенти.

Rodarte ss18; фото извор: WWD/Giovanni Giannoni

Речиси на секоја од креациите ременот со панделка езадолжителен моден додаток, а може да се забележи и честото појавување на алки со цвеќе, кои најчесто беа позиционирани околу лактите или зглобовите на рацете.

Освен сандалите, „Родарте“ за следната пролет преферира и чизми до глужд и тоа со шпиц.

Иако секогаш симпатични, ова се веќе видени комбинации, кои можат да се толкуваат и како игра на сигурно, за да не се згреши премногу пред острата париска публика. 

Rodarte ss18; фото извор: WWD/Giovanni Giannoni

Како и да е, ревијата на „Родарте“,на лесен, суптилен, лелеав начин го означи почетокот на неделата во која се очекуваат иновации, мноштво рачна изработка и многу возбуда.

Целата колекција погледнете ја во воведната галерија.

Објавено:
3 јули 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
129 пати