Модниот свет од Милано вчера пристигна во Париз, каде што започна новата модна недела.

Честа да ја отворат им припадна на модните куќи „Диор“ и „Сен Лоран“ - не можеше да се замисли поспактакуларен почеток.

Италијанецот Ентони Вакарело немаше лесна задача, особено ако се има предвид дека неговиот претходник, Хеди Слиман, направи вистинска револуција, оживување на брендот „Сен Лоран“. Исто така, месецов почина уште еден клучен човек за модната куќа, Пјер Берже, со што како комплетно да се затвори еден дел од историјата на овој бренд, а задачата на италијанскиот дизајнер е да направи да продолжи да живее.

„Сакам да ја раскажам приказната на Сен Лоран, на Париз, ништо подлабоко од тоа“, вели Вакарело пред почетокот на ревијата. Па и нема потреба од ништо подлабоко, бидејќи нивната приказна е доволно посебна и впечатлива, за да наметне тешка задача за било кој креативец.

Токму затоа дизајнерот одлучи ова модно шоу да го смести под Ајфеловата кула. Има ли „по француски момент“ од тој? Градот вчеравечер како да доби нова динамика, а со сигурност испиша и нова модна, романтична приказна.

Под ѕвезденото небо на Париз и Ајфеловата кула, Вакарело претстави парчиња кои беа комбинација на препознатливиот сексапил на модната куќа, во комбинација со веќе споменатата романтичност, смелост наспроти нежноста, забавата наспроти смиреноста.

„Оваа девојка на Сен Лоран сака да се забавува. Не е депресивна. Таа сака да ужива во животот“, објасни дизајнерот.

И навистина, Вакарело понуди една современа, свежа, интересна колекција. Бохо нотата која беше видливо нагласена, покрај сексапилот, беше своевидна ода на Маракеш, важен град за создвањето на брендот. Во последниот дел од ревијата можеби и најмногу можеше да се препознае естетиката на Вакарело.

Видливо е дека дизајнерот се фокусирал на тоа растот на продажбата да трае и понатаму, бидејќи го понуди токму она што жените го сакаат – нежност, софистицираност и сексапил во едно. 

Објавено:
27 септември 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
295 пати
Извор: 
Vogue.com