Седумдесетите низ призма на Кокев

2 ноември 2017

„Александар Палас“ беше местото каде што дизајнерката Тања Кокев ја претстави својата најнова ready-to-wear колекција за актуелната сезона есен-зима 2017/18.

Инспирацијата беа 1970-тите години од минатиот век, поточно индивидуалноста и слободата што ја носат со себе и по која се препознатливи, што беше претставено преку севкупниот спој на креации, фризура и шминка. 

Колекцијата вклучи и неколку cвечени модели, по кои е препознатлива, а присутните имаа можност да видат и неколку машки креации, преку колор-блок одела, чекор на кој се одлучи за првпат во досегашното работење.

- Оваа колекција ја посветив на посебноста на секој од нас. Се навратив на модата и општо идејата на седумдесеттите кога начинот на облекување рефлектира став во изразувањето, индивидуалност базирана на природен изглед и различност. Навистина се залагам за различност и во изгледот и во комбинациите, за излегувањето од матрицата во која сите изгледаат исто и за слободата на изразување. Специфично овој пат е дека во колекцијата вметнав исклучиво црни и сребрени вечерни тоалети, како контраст на шаренилото на останатата колекција и дека за прв пат изработивме и машки модели. Тоа е чекор кој се уште го правам срамежливо, но се надевам дека може да прерасне во нешто поголемо - вели Тања Кокев.

Духот на 1970-тите е имплементиран и преку формите, дезените, но и начинот на изразување. Слободно пуштените волуменозни фризури и играњето на сцена дополнително ја збогатија атмосферата. Со оваа колекција Кокев сакаше да покаже дека останува доследна на стилот, но дозволувајќи слободата сè повеќе да ја води.

Режијата на ревијата беше на Дејан Пројковски, сценографијата на Сергеј Светозарев, а Соња Исмаил беше задолжена за изборот на музиката, каде преовладуваа ретро хитовите од истата декада.

 

Објавено:
2 ноември 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
509 пати