Модниот свет се префрли во лулката на модата, Париз. Во претстојната недела ќе ги видиме колекциите на дел од најпознатите брендови за сезона пролет-лето 2017.

Со шоуто на модната куќа „Сен Лоран“,може да се рече официјално и се отвори Париската модна недела. Новиот креативен директор Ентони Вакарело ја презентираше првата колекција за овој бренд.

За впечатокот да биде уште посилен и поавтентичен, тимот на модната куќа се одлучи ревијата да ја одржи во здание од 17-тиот век, некогашен манастир, а потоа и воен штаб во Париз. Во 2014 година, беше дом на француското Министерство за одбрана. Просторот сега е реставриран, а студенилото и неговата „ненашминканост“ одеа во прилог на идејата на Вакарело за секси колегија.

Имајќи ја предвид неговата естетика и минат труд (сетете се на колекциите на „Версус Версаче“), доминацијата на црната кожа како материјал не беше големо изненадување.

Она што ја прави работата интересна е како тој ќе го спои својот сензибилитет со оној на „Сен Лоран“.

Вакарело го стави сексапилот во прв план, преку кожени корсети, здолништа, јакни, фустани... Рокенрол ефектот го зголеми и со комбинирање на кожа со џинс. Во насока на главната тема беа и парчињата со животински принт.

Покрај сексапилот и црната боја , дизајнерот за следната сезона го врати и влијанието од 1980-тите и златните металик нијанси. Широките раменици, наборите, ремените беа јасна асоцијација на оваа декада.

Се прашувате каде се препознатливите женски одела на модната куќа? Ги имаше, но не колку што можеби сме навикнале. Палтата беа со широки ревери и без закопчување, а панталоните тесни. Вакарело си поигра со оваа естетика, па видовме и елеци во тој стил. Иако и женските одела важат за секси, дизајнерот одлучи да направи и своја везрија на ова парче, за да биде секси на негов начин, па фустанот-палто со еден ракав и еден транспарентен дел беше нешто во што несомнено можеме да го препознаеме.

Колекцијата беше составена и од транспарентни и асиметрични парчиња. Кога сѐ ќе се спои на крајот, се забележува дека Вакарело внимателно ги проучувал основите на брендот, па за следната сезона направи микс на елеганција, кич, секапил, класика, со предзнак носливо.

Кон овој микс се приклучуваат и уникатните модните додатоци, како хулакопките со светкаво лого во пределот на глуждот, а особено чевлите со високи потпетици.

Дел од потпетиците беа во форма на логото на брендот (што малку нè збуни - дали е „Сен Лоран“ или повторно „Ив Сен Лоран“), а генерално нивната вртоглава висина, лакот и ременчињата, мошне придонесоа за заокружување на приказната, која допрва треба да се развива.

 

Објавено:
28 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
735 пати