Модниот свет од Милано се упати кон Париз, каде во наредните неколку дена ќе бидат презентирани колекциите за сезона есен 2017.

На вчерашниот, прв ден во центарот на вниманието се најде ревијата на модната куќа „Сен Лоран. Ентони Вакарело се потруди да го задржи сензибилитетот на брендот, но истовремено и својот.

Резултатот се креации од кои зрачи смелост и сексапил. Првиот дел од колекцијата е резетвиран за парчиња од лакирана кожа, ламе, свила. Асиметрија, длабоки деколтеа, но и многу карнери се она што се содржи речиси во сите парчиња.

Вакарело понуди и комбинации со јакни и џинс, но истовремено прави игра на нежни и транспарентни ткаенини, секси парчиња со волнени капути, волуменозни кратки јакна или палта, или пак кадифе и  кашмир со тантела.

Но, од друга страна, комбинира и волнени џемпери и крзно.

Секоја од креациите и има специјално дизајнирани набрани чизми, што веројатно сте го виделе веќе и на старите фотографии од вашите родители, или пак, самите сте носеле во младоста. Вакарело вели дека тој тренд се враќа.

Како тече ревијата, така се забележува и преминот од дневните во вечерни комбинации.

Последниот дел е резервиран за т.н. диско креации. Влијанието на осумдесетите години од минатиот век беше претставени преку сјајот – на облеката и на обувките. Со фустани, кошули, палта со светкави ревери, дизајнерот ја заокружи есенската приказна на „Сен Лоран“.

На самиот крај, да споменеме дека оваа ревија на модната куќа беше „мешана“. Тимот се приклучи кон трендот на претставување на машка и женска колекција во иста ревија.

Кога се машките креации во прашање, забележлив е трендот на панталони со спуштен струк и доминација на сивата боја. Комбинациите се носливи и секојдневни и далеку посмирени за разлика од женските.

Во галеријата погоре можете да ги видите сите.

Објавено:
1 март 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
105 пати