Шанел повторно воодушевува! Овојпат, Карл Лагерфелд изгради огромен брод во Големата Палата во Париз и го нарече „La Pausa“ по куќата на Коко Шанел на француската ривиера.

Во стилот на сценографијата, дизајнерот за новата cruise колекција на брендот создаде парчиња кои беа неодолив потсетник на морето и летото, во темно сина, бела и црвена боја.

Како и секогаш, на пистата можевме да ги видиме добро познатите парчиња од твид, овој пат во вид на палта со интересна должина, тесни здолништа, широки панталони, многу кожени моменти, чанти со натписи, како и тексас фармерки и палта украсени со многу накит.

Речиси секоја комбинација беше надополнета со соодветни модни додатоци, а девојките носеа шик беретки и бели хулахопки со слатки чевлички со ременче.

Она што беше најинтересно и за што денеска сите говорат е тоа што на крајот на шоуто, Карл Лагерфелд се појави да ги поздрави присутните во придружба на долгогодишната директорка на неговото студио Вирџини Вард, со што се поттикнаа шпекулациите дека таа наскоро би можела да го замени.

По завршувањето на шоуто, сите гости беа поканети на забава на палубата на фасцинантниот брод каде постојано се слушаа звуци од галеби и море со што неговата замисла стана уште поневеројатна.

За да се изгради бродот, на работниците им биле потребни точно два месеци, а сите присутни ќе кажат дека воопшто не се изненадиле од она што го виделе, бидејќи знаеле дека дизајнерот повторно подготвува нешто магично.

Меѓу гостите беа и неговите музи, Кристен Стјуарт, Маргот Роби и Лили Роуз Деп кои се шегуваа дека се чувствуваат како да се на Титаник и дека во секој момент очекувале некој да ја повтори сцената на Леонардо ди Каприо и Кејт Винслет.

Лагерфелд ќе каже дека ја обожава Големата Палата во Париз.

„Се сеќавам кога доаѓав со моите родители како мал за да гледам шоу со автомобили и постојано велев дека ова место е неверојатно. Не ми се веруваше дека некогаш ќе одржам свое шоу тука“, вели дизајнерот.

Извор и фото: WWD и Daily Mail

Објавено:
4 мај 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
320 пати