Модниот месец посветен на машката мода заврши. Модните недели во Лондон, Милано и Париз беа посветени на трендовите за сезона пролет 2017.

Иако се очекуваше облеката да биде во прв план, „Брегзит“-от како тема сепак доминираше, особено на последната недела во Париз.

Како и да е, модните брендови и дизајнери од трите модни метрополи се потрудија да презентираат што ќе биде „ин“ наредната пролетна сезона, а во многу нешта се совпаднаа со идеите.

Она што уште на прв поглед ќе го забележите е доминација на принтовите.

А.Меквин-Балман-Долче и Габана-Етро

Независно дали се работи за комбинација во дезен од глава до петици или пак за поумерена варијанта, речиси и да нема дизајнер што не вклучи игра на бои и линии во својата колекција.

А кога ги споменавме веќе боите, различни тонови на сина, од најсветла до тегет, како и бежовите нијанси се најзастапени, а веднаш потоа и сивата со нејзините нијанси, како и маслинесто зелена, бордо, како и секогаш-актуелната црно-бела комбинација.

Карвен-Џ.Армани-Луј Витон-Валентино-Версаче

Ако сте љубител на ретро модата, особено на 80-тите, тогаш веројатно ќе бидете задоволни од тоа дека волуменозните мантили, јакни и палта повторно се пробиваат на модната сцена. Исто така, сѐ почесто е и присуството на дворедното закопчување на сакоата.

Баленсијага-Ботега Венета-Дрис ван Нотен-Фенди

Всушност, комплетно широката силуета, е она што несомнено треба да го пробате следната пролет, како и слоевитоста.

Внимание привлекуваат и јакните украсени со 3Д принтови, камења, ленти, нитни и слично, нешто што дефинитивно беше карактеристично во блиското минато.

Дрис ван Нотен-Балман-Ботега Венета-Дисверд2

Ако размислувате во што да инвестирате, тогаш тоа нека бидат јакни бидејќи речиси и да нема колекција која не изобилува со ова парче, без разлика дали се работи за кожена, платнена или јакна од комбинирани ткаенини. Особено популарни се бомбер или „колеџ“ јакните, кои според дизајнерите следната пролетна сезона мажите можат да ги носат и со спортски, но и покласични панталони.

Баленсијага-Келвин Клајн-Долче и Габана-Гучи

А кројот на панталоните се движи од сосема тесен, припиен за нога, до сосема широк. Се забележува и блага тенденција на панталони со спуштен струк.

А.Меквин-Балман-Кристофер Кејн-Диор

И џинсот ќе биде актуелен следната пролет. Можеби не толку колку што сме навикнале или колку што се очекува, но сепак ќе биде застапен. Брендот „Дискверд2“ ја базираше речиси целата колекција на искинат џинс, особено тренди и сега. И „Балман“ го вметнува, но посуптилно, во комбинација со кожа или платно.

Балман-Дискверд2-Емпорио Армани-Валентино

И плетенините си го најдоа своето место меѓу трендовите. Можеби не се толку доминантни, но на суптилен начин, во различни бои и дебелини, го надополнуваат мозаикот од трендови.

Ботега Венета-Балман - Ралф Лорен- Луј Витон

На крајот, да не се заборави и елеганцијата. Таа е актуелна во секоја сезона. Куќите како „Валентино“, „Долче и Габана“, „Армани“, воопшто не лансираат колекција без макар едно вакво парче.

Тука сѐ уште на прво место се тесните кроеви на сакоата, со тесни ревери и панталони исто така. И тука се чувствува влијанието на 1980-тите за кое пишувавме и погоре и за пошироките кроеви, но сѐ уште не е доминантно.

Покрај стандардните црни, тегет и сиви одела, дизајнерите си играат и со дезени и со сјај, што е посебно видливо кај сакоата и оделата од модната куќа „Долче и Габана“.

Долче и Габана-Гучи-Ралф Лорен-Версаче

Кога веќе зборуваме за трендови, дел од брендовите се приклучија кон оној за „мешана“ мода, па „Балман“, „Фенди“, „Версаче“, „Кензо“, „Гучи“, „Прада“ се само дел од оние што во машките колекции вклучија и женски парчиња.

Ако се земе предвид сѐ од посоченото во текстот, најкомплетни и најпристапни (естетски) колекции за „обичниот“ маж, на кој му е поблиска едноставноста со модерни детали и кој повеќе се пронаоѓа во класичноста, се колекциите  на „Ботега Венета“, „Ралф Лорен“, „Версаче“, „Армани“....

За другите, што сакаат да експериментираат, се фанови на ретро естетиката, впечатливи ќе бидат и ревиите на „Луј Витон“, „Гучи“, „Валентино“, „Долче и Габана“, „Антонио Марас“, „Баленсијага“...

Модната недела посветена на машката модна во Њујорк е закажана кон средината на јули. Имајќи ги предвид тенденциите, веројатно нема да има големи отстапувања во пласираните трендови. Но, дотогаш, во галеријата погледнете го нашиот избор.

Објавено:
28 јуни 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
145 пати