На вториот ден од 14 – тото издание на Модниот викенд посетителите имаа можност да уживаат во вкупно четири ревии со посебни и уникатни приказни.

Интересна приказна раскажа и дизајнерот Дејан Тодоровиќ кој доби позитивни критики од присутните, а особено беа впечатливи капутите во неговата колекција.

„Со колекцијата Look@me, сакав да претставам силна жена која доминира во општеството, жена која со својата појава го одзема здивот и сите околу неа остануваат незабележани“, изјави за Fashionel дизајнерот.

Неговата колекција беше составена од околу 25 модели, од кои повеќето практични и носливи особено во оваа студена сезона.

Како што самиот дизајнер посочи, сите парчиња беа направени од внимателно одбрани материјали, во неколку бои меѓу кои и црвена, класичната црна, комбинации од сина, жолта, сива и уште многу други за разиграна зима.

Вистинско изненадување беа долгите елеци и пелерините кои изгледаа навистина стилски, особено оние во жолта нијанса.

Ревијата тој ја отвори со елегантен црн комбинезон со долги ракави, украсен со златна плочка во горниот дел, а ревијата продолжи со кус црн фустан со едно рамо и еден малку поелегантен во сива нијанса и со отворен грб.

„Најголем дел од кроевите на парчињата се струкирани и ја истакнуваат женската фигура, но имаат и асиметрична линија. Најголемиот дел се капути, но мора да се споменат и панталоните и здолништата и сите други парчиња наменети за претстојната сезона“, вели дизајнерот.

Што се однесува до капутите, речиси сите беа широки од половината надолу, некои поедноставни, а некои подолги во задниот дел.

Дел од парчињата дизајнерот ги комбинираше со хулахопки со дезен, додека дел од нив беа надополнети со хеланки, но сосема доволни беа и впечатливите капути.

Тој претстави и една чанта во комбинација со капут со ист дезен, а дел од парчињата ги комбинираше со шапки и зимски капи.

Сите модели од новата колекција на Дејан Тодоровиќ погледнете ги погоре во галеријата.

Објавено:
1 ноември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
344 пати