Сменети улоги и формална индивидуалност од Париз

3 март 2014

Изминатиот викенд беше максимално богат со колекции од Париската модна недела, која продолжува и понатаму се до 5-ти март. Од големиот список на дизајнери и модни куќи чии ревии беа закажани за саботата и неделата, беа презентирани едни од најдобрите колекции за следната есен-зима 2014/15 година. Меѓу позначајните беа: Вивијан Вествуд, Виктор и Ролф, Жан Пол Готје, Асин, Живанши, Клое, Селин, Џон Галијано и други. Секој од нив ја прикажа својата уникатна дизајнерска замисла, а кога би издвоиле една целина, фокусирана беше формалната индивидуалност, изненадувачките подвизи од техниките на дизајнерите, како и благата театралност и ексцентричност. Во продолжение преку текст и слика ве „носиме“ поблиску до Париската модна престолнина.

 

 

Селин

Целта на одличната Фиби Фило е секогаш да пронајде практични решенија за облеката од секојдневниот живот. Таа секогаш дава вистински одговор на она што им треба на жените и што всушност тие сакаат. За следната есен, таа на жените им подарува една плејада од прекрасни капути во интересни бои со ултра женствени јаки и со малку поинаков распоред на копчиња од оној што сме навиканти да го гледаме. Покрај капутите, Фиби создаде и одлични плетени парчиња, пред сѐ туники во комбинација со панталони, но и интересни долги блузи од квалитетна волница. Според многумина, највпечатлив во целата колекција беше извонредниот капут во светло кафена боја кој божествено ја истакнуваше женската фигура, а крзнениот ремен дополнително го истакнуваше најсекси делот кај жените – половината! Што се однесува до боите на парчињата, за следната сезона Селин ви предлага земјени нијанси со кои ќе и посакате големо добредојде на есента и ќе уживате во неа со нивните модели.

Клое

По неколку сезони лоши критики, очигледно е дека работите тргнаа на подобро за Клое, а за тоа секако сите заслуги треба да и се припишат на одличната Клер Вејт Келер која го врати брендот на вистински пат. Според неа,следната сезона „Клое девојката“ ќе биде неверојатно посакувана и женствена. Тоа таа го постигна со прекрасните нежни и шармантни бои преточени во лудо добри капути со несекојдневен крој, одлични здолништа, лесни и нежни кошули, но и одлични панталони. Она што беше интересно, а можевме да го видиме во неколку колекции, беше комбинацијата на фустани и панталони за која мора да признаеме дека изгледаше сосема тренди. Дизајнерката за следната сезона креираше и сосема урбани бунди во интересни бои, но и други парчиња со прекрасни есенски принтови. Чантите што можевме да ги видиме на пистата беа во прекрасни нежни, пастелни бои, но имаше и такви што беа одлични за вечерни излегувања. Што се однесува до чевлите, на пистата можевме да видиме модели од сандали па сѐ до чизми, сите до еден супер шик и тренди.

Живанши

Женствено! Со овој збор најдобро може да се опише феноменалната колекција на Рикардо Тиши за Живанши. Сите парчиња и беа тотално сензуални, модерни и луксузни. Имаше и крзно кое беше едноставно беспрекорно! Како што тој самиот кажа, колекцијата ја слави женственоста и рок жената. Дизајнерот на единствен начин ги комбинираше романтичните парчиња со одличните кроеви и создаде неверојатно меки и нежни здолништа, одлични женски костими, плисирани кожени здолништа со палта во кафена боја, комбинезони, но и тренди капути со животински принт. Она што беше апсолутно совршено во целата колекција, беа одличните колекции со тотално волшебни принтови, но и долгите, транспарентни здолништа. Чевлите, ах чевлите! Сите сандали беа супер тренди во бои што апсолутно го отсликуваат решителниот чекор на жената низ есенските кафени улици!

Кензо

Бидејќи Дејвид Линч автоматски прави работите да изгледаат кул, чудни и генерално, поинтересни од сите останати, Умберто Леон и Карол Лим го најмија за да им додаде мистична музичка нота на нивните и онака супер кул парчиња од есенската колекција на Кензо. Секако, мора да започнеме со тоа што ќе кажеме дека тие наметнаа нов тренд за кој сме сигурни дека ќе го гледаме во избилство следната сезона. Здолништа врз костими! Да, добро слушнавте, а замислете, тоа и изгледа добро! Костимите беа секако со добро препознатливите принтови на брендот, а здолништата сосема еднолични, но толку урбани. Во колекцијата имаше и плетени парчиња во свежи бои, кои се состоеја од џемпери во комбинација со здолништа под колената со интересни светкави детали распространети низ површината. Дивите и помалку чудни принтови кај парчињата, интересните пеплум панталони, корсетите, кошулите на преклоп и волуменозните капути беа само дел од есенскиот избор на Кензо за модерните девојки.

Џон Галијано

Највпечатливи од целата колекција на Џон Галијано овојпат дефинитивно беа ултра женствените лелеави фустани за кои дури два пати се подразмисливме да не ја промашиле пистата случајно. Брендот прикажа транспарентни долги фустани од одлични материјали, но и куси со интересни принтови за оние со свеж и млад дух во себе. Покрај фустаните, на пистата можевме да видиме и секси комбинезони во бела и црна боја со тренди ремени, но и одлични панталони со висок струк комбинирани со женствени корсети. Во колекцијата можеше да видат и крзнени детали, но и интереси шапки кои го задржаа вниманието на присутните. Сосема шик беа и перудувите на неколку од моделите на чизми, за кои веруваме дека ќе станат вистински хит следната сезона. Како и кај другите колекции, моделите и тука немаа некоја спектакуларна шминка или пак фризури, со што уште еднаш се потврди фактот дека за следната сезона, природното ќе биде воедно и најпосакувано.

 

Жан Пол Готје

Дизајнерот Жан Пол Готје овој пат  го замени својот препознатлив сензибилитет со оној на дизајнерката Вивијан Вествуд која е позната  по панк креациите.  Па така, од ревијата на Готје видовме женски, машки и детски креации инспирирани од панкот, формалноста и диско моментот. Францускиот дизајнер ја моделираше својата последна колекција која прикажа едно еклектично „семејство“ со нагласен индивидуализам. Колекцијата беше сочинета од нагласена бунтовност на спортски и класични палта, транспарентни фалтирани металик панталони, модифицирани мото и војнички палта, кратки здолништа и изразена слоевитост. Во однос на материјалите преовладува карираниот дезен, волната, транспарентните ткаенини, кожата и вештачкото крзно. Во истиот тој стил, манекените и манекенките имаа автентични панкерски четки и нагласени мачкини очи.

Вивијан Вествуд

Екстравагантност и театралност од најновата колекција на 72 годишната панк баба Вивијан Вествуд. Таа и Готје буквално како да си ги сменија улогите, па така Вествуд на писта прикажа колекција што повеќе би ја окарактеризирале како сензибилитет на нејзиниот француски колега. Надвор од сите трендови и правила, колекцијата сочинуваше претежно дневни ексцентрични парчиња што не се прилепени до женската силуета и се наменети  за смели индивидуалисти што сакаат да се издвојуваат од толпата. Сезоната есен-зима за дизајнерката ни малку не е тмурна и сива, туку напротив освежена со многу принтови, графика, бои и дезени. Иако отскокнува од она што сме навикнале да го очекуваме од неа, сепак перчињата како предимензионираните палта, капути, фустани и долги здолништа ја отсликаа долгогодишната пасија на Вивијан кон уникатноста и театралноста, која дополнително беше нагласена од големите перики и необичната индијанска шминка.

 

Виктор и Ролф

Доследни на есенско-зимското сиволо, холандското дизајнерско дуо Виктор и Ролф, презентираа колекција која буквално ќе и парира на следната студена сезона. Шоуто беше отворено со максимално употребени сиви нијанси на спортско- класични парчиња инспирирани директно од уличната мода, а за модната приказна да биде уште повпечатлива пистата беше исцртана како улица. Новата колекција веќе привлече големо внимание, пред се поради нејзината лесна компактност со комфорното урбано секојдневие, па така на писта можеа да се видат интересни кроеви на долги блузи кои потсетуваат на пресечен фустан од едната страна, комбинирани со мини лакирани здолништа. Уште една уникатна техника беше и спојот на класичните сакоа со волнените плетеници од кои беа изработени ракавите. За да не биде се толку сиво, колекцијата беше освежена со корални бои како и нежната и студена небесно сина нијанса. Освен новите парчиња облека, на пистата беше промовиран и н новиот накит на Сваровски, алки изработени од кристали и сиво кадифе кои Виктор и Ролф специјално ги дизајнираа во соработка со австриската компанија за накит.

 

Акни

Креативниот шведски колектив Акни својата замисла за есен-зима ја опфатија од секој еден сегмент вклучувајќи парчиња од бои карактеристични за тој сезонски период. На писта продефилираа претежно спортски парчиња кои сепак се движеа до едноставните кроеви што лесно се имплементираат и во секојдневието на формалната жена. Најзастапени беа миди фустаните со впечатлив графички прит, широки шалови во пруги, панталони со широки ногавици кои ги откриваат глуждовите, здолништа со висок струк и шлиц, речиси сите надополнети со предимензионирани спортски плетени шапки кои го маркантно го одвлекуваат вниманието. Во однос на ткаенините, покрај кожата, волната, твидот, плетениците,  исклучен беше џинсот по кој Акни се најмногу препознатливи.

 

Хајдер Акерман

Како и дуото Виктор и Ролф, дизајнерот Акерман во Париз се одлучи својата дизајнерска замисла за есен –зима 2014/15 да ја „обои“ во сиво,црни и кафени  колорни тонови. Колекција е наменета само за високи жени, зашто пред се презентирани беа плетени макси фустани, здолништа, мантили и капути чија силуета е соодветна само за високи жени. Новите  урбани елегантни кроеви, слоевитоста, но на моменти и потенциранио струк, „ослободија“ жена која е свесна за својата селективност и уникатност.  Освен тешките ткаенини како кожата, плетениците, штофот не беа исклучени ниту волнениот жоржет кој допринесува за дополнителна лелеавост на зимските парчиња. И следната сезона според Акерман нема да изостане без пепито дезенот, кој овој пат е само во покрупна варијанта, употребен на широки и тесни панталони, долги капути и кратки палта.

Објавено:
3 март 2014
Категорија: 
Колекции