Со возот на Тито до иднината на модата – Теа Митровска приреди возбудливо патување надвор од комфорната зона

4 ноември 2019

Теа Митровска се профилира како сериозен моден дизајнер кој заслужува да го зграби светското внимание. Младата македонска дизајнерка со лондонска адреса, деновиве се врати во Скопје за да ја промовира својата нова колекција во рамките на Моден викенд, а тоа го направи со исклучително авангарден концепт.

Со несекојдневна визуелна презентација сместена во вагон на легендарнот син воз на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито, што беше поим за луксуз пред своето време, стациониран како музејска реликвија на Железничката станица во Скопје, Теа излезе надвор од комфорната зона, носејќи ја својата публика на модно патување низ времето.

Удобно сместени во купеата под интимен сноп црвена светлина, меѓу публиката беа присутни љубопитност, неизвесност и возбудата, со претпоставка дека следува моден перформанс вреден за внимание, доека во позадина југословенската музика, приказната ја носеше во уште пореалистичен контекст.

Во моментот кога заборавате дека сте во 21 век,  пред вас се појавуваат футуристички модели во кои Теа умешно, без воопшто да се насетува преценета носталгија, имплементирала елементи од нашата култура, концептот на работничката класа, естетиката на работничките униформи, акцентирајќи ја социјалната порака која ја постави како темел на својот дизајнерски профил.

Уривајќи ги родовите бариери и стереотипи, андрогената колекција „20.18" си поигрува со мажественоста кога е во прашање облеката, истражувајќи нови текстилни техники и неконвенционални материјали.
Инспирацијата за креациите е длабоко лична и интимна, со одредена доза и на темнина, а цели да создаде андрогини неземски војници на модерното доба.

Личната приказна води до дедовците на Теа, како особено значајни семејни фигури во нејзиниот приватен живот, кои починале во краток временски интервал минатата година и како што вели самата, оваа колекција им е посветена ним. Две клучни поенти од нивните фасцинантни карактери, се искористени како фокус: рибарската и југословенската војничка униформа, кои понатаму Теа ги развива во футуристички безродови дизајни.

Теа нè чека во иднината, како светски препознаен дизајнер, а наше е сега и навреме да го поддржиме нејзиниот талент.

 

Објавено:
4 ноември 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
572 пати