Како што самиот Питер Копинг најави претходно, ревијата на модната куќа Оскар де ла Рента беше навистина интересен спој на минимализмот на американската спортска облека и француската традиција.

Дизајнерот, кој дојде на чело на модната куќа пред околу една година, за оваа колекција направи навистина исцрпно истражување поврзано за модната куќа и нејзиниот основач пред да започне со создавање на парчињата.

Тој направи вистински спој на спортски материјали и оние инспирирани од 18 – тиот век, отворајќи ја ревијата со неодоливо романтични фустани и дводелни комбинации составени од тантелни блузички и здолништа со фантастичен дезен.

Покрај неодоливите парчиња, дизајнерот покажа и одлични стари техники прикажани на свилените материјали, но и на кожените парчиња што беше вистинско изненадување.

Што се однесува до палетата на бои, Копинг почна сосема нежно, прикажувајќи парчиња во сива, бела и небесно сина нијанса.

Веднаш потоа, тој ги израдува неговите обожавателки со неверојатни костими со дезен во темно црвена боја, топли ролки во сина боја комбинирани со здолништа во А – крој и крзнени додатоци, за да заврши со неколку секси црни фустани и свечени и гламурозни тоалети по кои е и впрочем позната модната куќа.

Дизајнерот дефинитивно внесе свежина со неговата непроценлива креативност во пролетната колекција на модната куќа, прикажувајќи спој на каков што досега не сме навикнале.

Од истата, ИТ девојките ќе одберат неодоливо гламурозен фустан за на црвениот килим, но и нежни и уникатни посмирени парчиња во кои ние се заљубивме на прв поглед.

Објавено:
17 февруари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
316 пати