Спортската елеганција е есенски моден императив за Манго

25 август 2014

Колекцијата на шпанскиот моден бренд Манго дефинитивно е една од најдобрите за претстојната есенска сезона. Етикетата минатата недела го лансираше новиот лукбук насловен „Three Color Story“, во кој главната улога и е доделена на норвершката манекенка Иселин Стеиро. Во суштина низ целата колекција гравитираат нијанси на три бои, црвена, сива и кафена, од што е земена и инспирацијата за насловот на модната приказна. Во поглед на кројот и изгледот, генерално, целата линија се одликува со нота на спортска елеганција, која судејќи според светските трендови кои се наметнаа како актуелни за претстојната сезона ќе биде вистински моден погодок.

Колекцијата ја сочинуваат модели во основа со минималистички и строги кроеви кои се вистинска инвестиција, бидејќи кога еднаш ќе ги купите, сигурно ќе ги носите долго време. Есенскиот стил на Манго го комплетираат едноставните кошули, плетените џемпери, плисираните здолништа, класичните панталони, спортските фустани, јакни со качулка и капути со права линија. Стајлинзите се заокружени со ниски патики во бела боја, чија популарност од сезона во сезона е се поголема.

Објавено:
25 август 2014
Категорија: 
Колекции