Старо-нови модни приказни на „Ели Сааб“ и „Валентино“

6 март 2017

Париската модна недела за ready-to-wear колекциите за есен 2017/18 е во тек. Викендот пак, помина во знакот на бројни познати брендови.

Свои модни шоуа имаа Вивиен Вествуд, студио „Акне“, Нина Ричи, „Баленсијага“, „Соња Рикел“, „Селин“, Џон Галијано, но и Ели Сааб и брендот „Валентино“, чии ревии ќе ги погледнете во продолжение

 

Ели Сааб: Игра на тантела и кадифе

Тие што ја сакаат естетиката на Ели Сааб, тогаш веројатно ќе бидат повторно воодушевени, но и по малку изненадени. Дури и кога се работи за секојдневни комбинации, Сааб внесува гламур. Иако и овој пат останува доследен на женственоста и луксузноста, тоа го прави на посмирен начин. Наместо светките и монистрите, овој пат доминираат нежната тантела и кадифе . А инспирацијата ја наоѓа во балетот „Жизел“.

Како вели за светските модни медиуми, фокусот е ставен на темната страна на трагичната хероина, која умира заради љубов.

Имајќи го ова предвид не изненадува доминацијата на црната боја и тантела, како и темновиолетовата.

Карнерите како актуелен тренд веќе неколку сезони, овде совршено се вклопија, па гледаме „воздушести“ фустани од тул и тантела со карнери во комбинација со кожени јакни или наметки од кадифе.

И самиот дизајнер признава дека оваа колекција не е толку комерцијална како претходните, повеќе е уметничка, но се надева дека неговите клиенти ќе знаат да ја препознаат и оваа нова страна.

А кога сме кај новитетите, периодов е навистина успешен за Сааб. Освен Оскарите, каде облече неколку ѕвезди, меѓу кои и Мерил Стрип и актуелнава ревија, за неколку дена ќе отвори и бутик во Њујорк, со цел да се обиде да ја придобие и тамошната публика со висока куповна моќ.

 

Валентино: Спој на неспоивото

Пјерпаоло Пичоли за есенската колекција тргна од прашањето што ново се случува денес? Одговорот е ништо, но тоа не значи дека модната индустрија треба да замре.

„Дури и кога ништо нема ново и веќе сè е измислено, треба да се пронајде инспирација. Новото е кога работите што веќе сме ги виделе и ги знаеме ќе ги поврземе на различен начин“, вели дизајнерот за WWD.

А работите што тој ги поврзува овој пат се романтизмот, односно Викторијанскиот период и италијанското дизајнерско движење „Мемфис“ од 1980-тите (постмодерен дизајн на мебел, предмети од керамика, стакло и метал од 1981-1987 година).

Гледано одделно, овие два елемента од новата колекција немаат ништо заедничко, но Пичоли ги врзува во модна приказна. Така, од викторијанскиот период се препознаваат долгите силуети – високиот струк, високиот околувратник, долгите фустани. Од друга страна пак, од групата „Мемфис“ се препознаваат елементи на пачворк, необични принтови со дланки или броеви, како и „сладолед“ боите.

Токму тоа внесе веселост и разигранот на места каде што и не ја очекувавме. 

Објавено:
6 март 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
301 пати