Стартуваше Моден викенд Скопје #16

23 октомври 2017

Вчеравечер беше отворено шеснаесеттото издание на Моден викенд Скопје, што оваа сезона се одржува под мотото #StopTheTraffik.

Првата од вкупно четирите вечери во рамките на Модниот викенд, беше резервирана за промоција на новите колекции на младите македонски дизајнери Андреј Папаз Ѓоргиевски, Викторија Арсовска и Моника Коцарева, а беше промовирана и новата колекција накит од Sigma Jewelry за сезоната есен-зима 2017/18.

Вечерта ја отвори колкецијата „Подем на гревот", што ја потпишува ателјето „Papaz", инспирирана од приказната за Содома и Гомора, двата библиски града кои се синоним за грев, блуд и разврат.

„Колекцијата „Подем на гревот", сугерира со нагласена сексапилност, инспирирана од човековата сексуалност и хедонизам. Силуетата во исто време e провокативна и елегантна, употребени се повеќе видови на еко кожа, свилен жоржет, штоф и чоја. Земајќи предвид каде се смета дека Содомa и Гомора се наоѓале териториски, деталите се преземени од традиционалната облека од Блискиот Исток.", вели Ѓоргиевски за својата колекција, која истовремено има функција и на сцненски костими.

Посебно се впечатливи маските на лицето, со кои може да се види и како што вели самиот, суптилното вметнување на садо-мазо елементи.

-Колекцијата инсистира на инспирацијата од која е извлечена. Се работи за еден авангарден стил, составен од носливи и помалку носливи парчиња кои носат дух на раскош и драматичност. Веројатно колекцијата ќе го најде патот до оние со нескротлив дух спремни за експериментирање и гладни за внимание – вели дизајнерот.

Статусот на жената за време на Француската револуција и борбата за нејзините права, е инспирацијата за колекцијата на дизајнерката Викторија Арсовска со наслов „Маршот на боговите". Во основа линијата е базирана на кроевите карактеристична за машките воени униформи од тој период, што се модифицирани и прилагодени на потребите и стилот на современата и модерна жена. Резултатот е фузија на сексапил и женска елеганција истовремено, алудирајќи на карактерот на жената која е и дама и бунтовник.

„Колекцијата брои 12 аутфити, комплексност во кроеви , иновативност во спојот на материјали и колор кој пресликува една скриена емоција. Mонохроматски израз на неколку тонови на црно , истите во одредени модели се вкрстени со беж нијанси, употребена е второстепена црвена како најтопла боја и темно зелена.Навлезено е во рамките на периодот на корсетите задржувајќи се на статусот на жената како пасивен граѓанин во времето на француската револуција односно нивната борба за права и еднаквост, револуцијата која ја преживуваат и нивното марширање кое е основата на статусот кој една жена го ужива подоцна односно денес. Презентирана е женственост и сексапил преку кроевите инспирирани од машки униформи и преку машката грубост на посебно избрани материјали. Корсети подзатскриени со капути и елеци од чоја и кожа, свилени фустани во комбинација со кожени каиши и метални копчиња, додека лелеавоста на истите се противи на крутиот штоф. Еден приказ на нејзиниот храбар чекор , како дама и бунтовник истовремено, како доилка и војник во една паралела , како љубовница во панталони која ужива во разни разврати и скандали кои се табу теми", вели Викторија за својата колекција.

Првата вечер ја затвори ревијата на младата дизајнерка Моника Коцарева – „Atelier Kocareva" која ја промовираше колекцијата „Art deco" инспирирана од стилот на дамите во 20-те години на минатиот век, дефиниран во свечени парчиња облека што ги поврзуваше елегантната и женствена нота, како и светкавите детали што беа имплементирани речиси во секој модел.

„1920-тите е деценија во која модата стапила во модерната ера, каде жените ја напуштиле ограничувачката мода од минатите години. Облеките кои ги носиме денес, во најголем дел, сѐ уште се засноваат на оние кои ги носеле во 20тите години што претставуваше голема инспирација за темелно истражување на оваа тема", вели Моника за инспирацијата што ѝ била движечки мотив во реирањето на оваа линија.

Во однос на кроевите и естетиката на самата колекција, таа надополнува:

„Колекцијата " Art deco" може да се каже дека е женствена, деликатна и раскошна, затоа што раскажува приказна за токму таква, безвременска жена изразена преку софистицирана, гламурозна, а смела визија. Секое парче е индивидуализирано, и на посебен начин го отсликува совршениот стил на 20-тите години, каде кроевите совршено ја истакнуваат женственоста.

Сите дизајнери учесници на актуелниот Моден викенд Скопје, беа ангажирани да изработат свој дизајн на маички со кои ќе се подигне свеста за присуството на еден таков горчлив и глобален проблем како што е трговијата со луѓе, како и трудовата експлоатација, со што на свој начин придонесуваат за борбата против овој општествен и социјален проблем, под мотото  #Stopthetraffik.

Втората вечер на Моден викенд Скопје ќе ја отворат студентите на Технолошко-металуршкиот факултет на Институтот за дизајн и инженеринг на облека, со почеток во 19 часот.

 

Објавено:
23 октомври 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
793 пати