Светскиот фолклор во летната колекција на Алена Акмадулина

3 декември 2014

Рускиот дизајнерски тим на Алена Акмадулина го промовираше лукбукот за новата колекција пролет – лето 2015. И додека прекрасната Москва ужива во првиот слој снег кој деновиве буквално го затрупа целиот град, Алена сака да не врати во убавите топли летни денови и преку лелеавите, цветни фустани и зелената тревна позадина да ни ги оживее убавите сончеви спомени од долгите летни мигови.

Акмадулина е вистински моден раскажувач на приказни, бидејќи првенствено почнува од цртежите и скиците, за потоа секоја креација од молив и пенкало да прерасне во вистински модел изработен од материјали, конци и додатоци. Дизајнерката во новата колекција сака да го претстави фолклорот на народите ширум светот.

Резултатот е магична бајка за принцезата Несмејанов, која и покрај фактот што до себе го нема својот принц ужива во убавините на животот и љубовта кон природата. Прошетката низ полињата обраснати со глуварчиња, гераниуми, булки, каранфили, грмушки – секој од овие растенија стана херој и има засебно поглавје во колекцијата која е посветена на петте различни видови цвеќе.

Општо земено расположението на сезоната е многу опуштено во духот на 1970 – тите години. Фотографиите ги „улови“ острото око на Абдул Артоис, принцезите се  Анастасија Сосиџ, и Јана Петрова, додека шминката е на Олга Димитренко и Алдо Копола кој воедно се погрижи и за фризурите на девојките.

Објавено:
3 декември 2014
Категорија: 
Колекции