Том Форд есен-зима 2018/19: невкус или редефиниран гламур?

9 февруари 2018

Ако во минатата колекција, за сезоната пролет-лето 2018 го видовме вистинското лице на Том Форд изразен преку женствениот сексапил, неговата последна колекција за следната сезона, есен-зима 2018/19 прикажана во рамките на актуелната Њујоршка модна недела, е непрепознатливо разобличување на неговата естетика.

Се коментираше за неговата конфузија и промена на правецот последниве неколку сезони, но со минатата колекција се врати во неговиот препознатлив стил, за да повторно видиме нешто некарактеристично за него во новата линија.

Во Том Форд овојпат се препознава многу повеќе животинскиот принт на Кавали спакуван во естетиката на 80-те, отколку гламурот на еден од најдобрите дизајнери што го држи реномето на Модната недела во Њујорк.

Неспорно е дека диско ерата и 80-тите години ја диктираат динамиката на колекцијата, во која акцентот е на хипнотизирачките бои, еклектичниот микс на принтови и масивните кружни обетки и трака на главите, како директен ретро момент од последните децении на минатиот век.

Според рецензиите, мислењата се поделени. За едни, вкусот на оваа колекција е ставен под прашалник, за други е некоја редефинирана форма на гламур што заведува.

Трети, оваа колекција ја поврзуваат како рефлексија на ставот на Форд и неговиот бунт против незавидната ситуација во која се ставени жените, не во контекст на нивната женственост, туку во однос на нивната засилена положба во општеството, надоврзувајќи се на агендата на новиот бран феминистички движења под паролите #MeToo и #TimesUp.

Највозбудливото модно патување низ четирите модни метрополи, започна токму во Њујорк, каде Модната недела ќе трае до 14-ти фебруари, а по еден ден пауза, на 16-ти се сели во Лондон.

Објавено:
9 февруари 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
602 пати