Удобно, топло и тренди: Мајкл Корс ги обедини сите трендови во новата колекција

13 февруари 2020

Во рамки на Модната недела во Њујорк, својата зимска колекција (за 20/21)  ја претстави и американскиот дизајнер Мајкл Корс.

Од него се очекува да биде практичен и да понуди парчиња кои важат за „носливи“, лесни за комбинирање, а сепак женствени.

И тој знаејќи ја својата сигурна формула го понуди тоа.

Еден дел од нас жали што можеби не видовме нешто свежо и ново, но од друга страна, благодарни сме на палетата комбинации која ја презентираше, а во која веруваме ќе се пронајдат повеќето жени.

Во неговата зимска сезона доминираат сиви и земјени нијанси. И покрај тоа што омилени ни се тие неколку креации во интензивни бои, сепак не можеме да му ја одземеме заслугата дека успеал да го вметне најголемите трендови и да ги направи совршено функционални.

Кратки пелерини, кариран принт, истакнување на женската фигура со ремени, крзнени палта и бунди, плисирани здолништа, топли ролки, долги капути, широки и долги џемпери, кожени парчиња, но и модни додатоци - се само дел од парчињата кои ќе ви го привлечат вниманието.

Со тоа што од една страна има широки креации во кариран принт, кои асоцираат на ќебиња кои ќе ви ја обезбедат потребната топлина и кои со задоволство би ги носеле во студените денови, а од друга страна се креациите со строги линии и војничка естетика (палта, капути), создава модна палета на креации создадени за жени во различни возрасти.

И секогаш размислува за моментот во кој живее, па нуди предлози како да излгедате од утро до вечер. Токму затоа и последниот дел е резервиран за свечени тоалети, со релаксирана нота во однос на кроевите и светкавите ткаенини, кои се уште еден од многуте застапени предлози.

Кога ги гледате неговите креации, не можете а да не се согласите дека се вистински одраз на класична зимска естетика и едноставно посакувате зимата да потрае.

Како што и самиот Корс ќе изјави, класичноста, односно безвременоста за него се луксуз.

Погледнете го остатокот од колекцијата:

 

Објавено:
13 февруари 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
834 пати