Версаче, Етро и Армани диктираат модни трендови за пролет-лето 2017

24 септември 2016

Вчерашниот ден на Миланската модна недела помина во знакот на неколку звучни дизајнерски имиња кои презентираа колекции за кои со сигурност може да кажеме дека ќе го диктираат темпото на трендовите за следната пролетно-летна сезона. Версаче својот гламур го пренесе на едно поинакво ниво, со доминантна спортска естетика, Етро размислуваше во племенски форми и бои, додека Џорџо Армани создаде стилска димензија помеѓу слободата и дисциплината.

Етро во етно

Племенски мотиви и богати етно везови и принтови се естетската основа на Етро колекцијата за пролет-лето 2017 прикажана вчера на Миланската модна недела. Играта на текстури и еклектичниот микс на ткаенини ја прават оваа колекција пред се интригантна и интересна за анализа, а секако посакувана за носење. Егзотични, боемски и лежерни парчиња облека со комбинации помеѓу кафтани со широки ракави и панталони со лежерна линија или макси фустани со шал префрлен преку едното рамо, а речиси сите комбинирани со впечатливи огрлици со масивни кружни метални плочки.

 

Версаче – спортска естетика на ниво на гламур

Донатела Версаче секогаш наоѓа начин да ја редефинира моќта на гламурот во контекст на клубска или диско забава. Овој пат, таа создаде колекција со уште повисоки афинитети – енергична, атлетска жена и моќта на жената сама по себе олицетворена во парчиња облека. Водечка е спортската естетика, но на ниво на женственост, доминација и повторно гламур. Таков беше и ставот на манекенките на писта, доминантен, а елегантен – токму како Наоми Кембел која беше изнанедувањето на вечерта и се појави во една од креациите на Версаче на писта.

 

Џорџо Армани – нов баланс помеѓу дисциплината и слободата

Сите нијанси на сино, од месечевиот сјај до немирните бранови на океанот, се рефлектирани во колекцијата на Армани која балансира помеѓу дисциплината и слободата. Во превод, ова е елегантна колекција, но со слободен израз. Сакоата се со опуштен крој исто како и панталоните, материјалите се лесни, дури и транспарентни, прошарени со флорални или апстрактни мотиви, а здолништата се воздушести и делуваат како да лебдат на писта.

Објавено:
24 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
871 пати