Версаче – колекција посветена на женските облини

26 јануари 2015

1

Модната недела посветена на Високата мода во Париз започна вчера, а честа да ја отвори ја имаше модниот бренд Версаче. Донатела и нејзиниот тим создадоа колекција која уште од првиот модел го носи препознатливиот печат на куќата – провокативност и сексапил.

Сепак, она што ја прави уште попривлечна е вистинската доза на овие елементи во неа. Низ сите креации доминира асиметричниот крој, а не може да не се забележи и враќањето на ѕвонарките. Но, главната поента на Донатела е враќањето  кон женските облини:

-Создавањето на оваа колекција беше истражување на кроевите и женското тело, поточно облините – изјави наследничката на Џани Версаче.

А токму тоа и го видовме.

Провокативноста преку транспарентните материјали и кристали беше застапена во последниот дел од ревијата. Кристалите доминираа како на облеката, така и на високите чизми.

Интересно беше да се види бомбер јакна како болеро во комбинација со свечени тоалети. Од палетата на бои беа вклучени црната, белата, интензивно црвената, кралската сина, како и металик варијантите на златна и сребрена.

Уште еден клучен момент во оваа најнова колекција на Версаче беше што преку овие модели Донатела и нејзиниот тим сакаа да направат вкрстување на генерации. И тоа го направија на неколку нивоа – преку креациите, моделите и гостите.

Ева Херцигова и Амбер Валета, која што и го затвори шоуто, уште еднаш покажаа дека сè уште се во одлична форма и рамо до рамо со помладите колешки како Карли Клос, Џордан Дан и уште помлади од нив.

Амбер Валета Амбер Валета

А кога се гостите во прашање, покрај Џесика Честејн, Ејми Адамс, Џејн Фонда, вниманието особено го привлекоа Кејт Хадсон и нејзината мајка. Актерката изгледаше совршено во куса верзија на еден од црвените фустани од колекцијата, кој на писта го носеше Ева Херцигова. Преку појавата на нејзината мајка, сите сфатија од кого Кејт ја наследила добрата фигура.

Кејт Хадсон со нејзината мајка и Донатела Кејт Хадсон со нејзината мајка и Донатела

Ева Херцигова Ева Херцигова

Версаче со колекцијата пролет-лето изигра одлично – остана доследна на стилот, а успеа да ги допре сите жени, инспирирајќи се од она што им е важно (кога е физичкиот изглед во прашање), облините.

Карли Клос Карли Клос

Во продолжение погледнете ја целата колекција:

Објавено:
26 јануари 2015
Категорија: 
Колекции