Викторија Бекам креираше женствена колекција во пастелен колорит

11 септември 2017

Една од најочекуваните ревии на Модната недела во Њујорк, што од сезона во сезона привлекува сè поголемо внимание, е онаа на омилената Викторија Бекам.

Таа очигледно ја пронајде својата формула како да ги направи жените среќни, креирајќи колекции што и самата со задоволство ги носи. Практично таа е амбасадор на својот бренд. Следејќи го нејзиниот стилски концепт, веќе може и да претпоставите што следно ќе продуцира нејзината креативна работилница.

Идната летна сезона, Бекам ја обои во богат, но истовремено нежен и ненаметлив колорит. Во изјава за Телеграф ќе каже дека во последно време и самата кај себе забележала дека сѐ почесто имплементира боја во својот стил.

Па она што може да го видиме на фотографиите од ревијата за нејзината пролет-лето колекција за 2018 година, е женствена линија, која опфаќа повеќе аспекти на нашето секојдневие, од деловни и ноншалантни аутфити во суптилни и лежерни кроеви, до романтични комбинации со нагласена женственост со акцент на здолништата со миди должина или такви до глужд.

Нејзината најголема поддршка, семејството Бекам, задолжително беше присутно во првите редови.
Иако нема ни една декада како Бекам е присутна во дизајнерската фела, нејзиниот прогрес е видливо успешен и неспорен.

Фото извор: Harper's bazaar

Фото извор: Marcus Tondo / Indigital.tv / Vogue.com

 

Објавено:
11 септември 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
986 пати