Дизајнерката Викторија Бекам вчера прослави 10 години постоење на брендот во родниот Лондон, а воедно и ја отвори тамошната модна недела. Иако секогаш повеќе го преферира Њујорк отколку Лондон за презентирање на својата работа, овој пат дома да ја заокружи првата декада од успешното работење.

Ревијата на која беше претставена колекцијата за пролет 2019, ја одржа во галеријата до нејзината продавница во Лондон. Во првиот ред ја имаше поддршката од семејството, сопругот Дејвид и четирите деца Бруклин, Ромео, Круз и Харпер. 

И додека сите зборуваат дека не умее да се смее, таа во Лондон го покажа токму спротивното, дека е мошне емотивна и дека семејството ѝ е пред сè, како и тоа дека е горда на бизнис успехот.

А гордо е и нејзиното семејство. На социјалните мрежи го споделија букетот цвеќе и картичката на која пишува: „Честитки, многу сме горди на тебе. Те сакаат Дејвид, Бруклин, Ромео, Круз и Харпер“.

Кога е колекцијата во прашање, Викторија остана доследна на себе. Машко-женски сензибилитет во парчиња со пред сè женски крој. Овој пат простор им даде и на плетенините, кои доминираат. Воедно, сексапилот е исто така сеприсутен. Нежни фустани и маички со софистицирана тантела се нешто што ќе биде актуелно и следната пролет.

Всушност, колекцијата е сè она што е Викторија и обратно. Како што ќе напишат и во „Вог“ - „Брендот Бекам е секси - од сопругот, преку начинот на живот, до начинот на кој се носи облеката“ и тоа е веројатно еден од најдобрите описи на Бекам и нејзиното семејство.

На Викторија ѝ успеа тоа што не им успеа на многу други ѕвезди што се обидоа во модниот свет, а тоа е да остане доследна и да успее да се развие, надгради и да научи сè за бизнисот во кој е. Нејзината тајна помеѓу другото е што го задржа фокусот и не се расплина на сто страни, расфрлувајќи се со своите таленти. Што ќе прикаже во следната деценија и како ќе расте, останува да видиме, но она што сега е сигурно е дека треба да ѝ се симне капа за она што успеа да го постигне во изминативе 10 години - сите да знаат за нејзиниот бренд и да ги препознаваат парчињата со нејзин потпис, како и да ги носат жените ширум светот.

Целата колекција погледнете ја во галеријата погоре.

 Инаку, за потсетување, 10-годишнината Викторија ја прослави со британскиот „Вог“. Таа и нејзините деца ја красат октомвриската насловна страна на магазинот, а вчера беше одржан и коктел по тој повод.

фото извор: dailymail.co.uk; wwd.com; vogue.com;

Објавено:
17 септември 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.273 пати