Висока мода Париз: Фантастична црно-бела колекција на „Диор“

23 јануари 2018

Во музејот „Родeн“ вчера се одржа ревијата на „Диор“ под креативно водство на италијанската дизајнерка Марија Грација Кјури.

Водена од историјата на куќата, работата на авангардната уметница Ленор Фини и надреализмот како правец (видливо и преку сценографијата, со висечки скулптури од делови од тело и кафези), успеа да создаде колекција која ги содржи сите овие елементи, да припаѓа на Висока мода, а истовремено да е нослива и мошне привлечна.

Ревијата е отворена со комбинација на транспарентна кошула во комбинација со црно здолниште со миди должина, што секако потсетува на креацијата „Драгс“ од 1984 година, дело на основачот Кристијан Диор.

Со тоа покажа дека секој пат одново се нурнува во историјата на брендот и пронаоѓа нешта што ја инспирираат, а истите ги „осовременува“ на различни начини.

Низ колекицјата доминираат црно-бели тонови и комбинации, како резултат на споменатиот надреализам и работата на Ленор Фини. На тој начин Марија Грација го задоволи и својот феминистички порив, истовремено потсетувајќи на една уметница која воедно својата прва ревија во 1930-тите ја одржува токму во галеријата на „Диор“, уште пред тој да почне да се занимава сериозно со мода.

Оптичките илузии, преку комбинацијата на токму овие две нијанси, апстрактните графички принтови, креациите како создадени од мрежа, придонесоа за воодушевувачкиот ефект.

Средината на ревијата беше резервирана за креации украсени со пердуви, камчиња, додека последниот дел е отстапен на класичните смокинзи со остри кроеви, но со женствена нота. Инаку, смокингот од колекцијата е наречен Доротеа Танинг, по американската уметница чии рани дела се инспирирани токму од надреализмот.

При изработката користи органза, свила, тантела, плетенина... Можеби во однос на кроевите Марија Грација Кјури не направи ништо далеку револуционерно, напротив се послужи од проверените шаблони на Кристијан Диор.

Но, она на што мора да ѝ се честита е дека умее да си игра со ткаенините, умее од една класична комбинација, каква што е црно-белата да создаде нешто примамливо за денешни услови.

Посебно примамливи беа модните додатоци за очи, односно очилата од тул, или оние како матрикс маски. Тоа е нешто што сигурно ќе се издвои како тренд за пролетната сезона.

На Марија Грација Кјури ѝ тргна да презентира нешто што изгледа толку едноставно, а всушност е сè спротивно од тоа. На пример, една од креаците збогатена со монистра била изработувана дури 1.700 часа. Сепак, колку и да изгледа едноставно, се работи за висока мода.

Ако порано тоа го доживувавме како креации еднакви на уметнички дела кои се само за писта и за во музеј, Високата мода денес има придавка пред неа – „нослива“, а тоа е сосема јасно и од оваа колекција.

Инаку, првиот ден од модната недела во Париз, го отвори модната куќа „Скјапарели“, а во истиот ден се претставија и „Ајрис Ван Харпен“, „Пронеза Скулер“, „Ралф и Русо“, „Џампатиста Вали“, а дел од нивните креации можете да видите во продолжение:

Скјапарели

 

Ајрис Ван Харпен

 

Пронеза Скулер

 

Џамбатиста Вали

 

Ралф и Русо

Објавено:
23 јануари 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
786 пати