Висока мода Париз: Романтика и сексапил

6 јули 2016

Изминативе два дена на модната недела во Париз поминаа во знакот на бројни познати имиња.

Модните медиуми дефинитивно имаа за што да пишуваат, бидејќи беше возбудливо сѐ – од подготовките за ревиите, колекциите, до првите ѕвездени редови.

Во исчекувње на уште повозбудливата агенда бидејќи, на овој последен ден за презентации ќе се претстават и Ели Сааб, Зухаир Мурад, Валентино и уште неколку познати дизајнерски имиња, во продолжение погледнете го нашиот избор од почетокот на неделава:

 

Диор

Ова е бурно време за француската модна куќа, но тоа што постојано се зборува за неа, може на крајот сосема позитивно да се одрази врз брендот. Имено, сѐ уште во исчекување на новиот креативен директор, може да се рече дека очекувањата за шоуто на „Диор“ на модната недела во Париз беа мошне ниски. Сепак, дуото што мораше да го понесе товарот на креативната функција – Серж Рифју и Луси Мајер изненади позитивно.

Можеби нивната колекција не беше за овации, но сепак на основата од „Новиот изглед“ на Диор од 1947 година, тие успеаја да создадат примамлив изглед за новите генерации. Нагласени раменици, истакната половина и здолниште што се шири се доминантните елементи во колекцијата. Сепак, не ги занемарија ниту актуелните трендови, па на пистата можеа да се забележат и ѕвонести форми, голи раменици, карнери. Ефектот го зголемија со тоа што доминираа црната и белата, а другите бои ги исклучија. Впечатливи се и везените апликации, каде е „проткаена“ и жичка на пастелно виолетова или пак златна нијанса.

Инаку, за комплетното доживувања, дуото одлучи ревијата да се одржи во Диор couture салонот, каде е одржана и првата ревија на Кристијан Диор во споменатата 1947 година. Модните стручњаци најдоа замерка на рамните обувки, коментирајќи дека оние со висока потпетица би биле полн погодок, но како и да е, оваа двојка добро ја одржува модната куќа во живот.

 

Џамбатиста Вали


Оваа модна куќа остана доследна на романтичноста која ја негува. Сепак, инспирирана од кралската естетика, поточно изгубените кралства и дворови, креативниот тим на брендот вклучи и шик, тренди елементи и создаде примамлива колекција за оние што сепак ја претпочитаат актуелноста од минатото.

Фустаните сечени под гради доминираа, украсени со карнери, вез и украсни камења. Исто така, еден од највпечатлите моменти се секако „пуфнастите ракави“, кои изгледа се враќаат сѐ поинтензивно на модната сцена. Новитет од „Џамбатиста Вали“ се различните должини. Така, на кратките фустани балансот го одржува со споменатите ракави, а на оние подолгите со тесните раменици и изборот на ткаенина. А кога сме кај ткаенината, дизајнерот употребил неколку  - од сатен, преку брокат, до шифон и тул. Низ колекцијата доминантни се црната и белата, но и пастелните нијанси на розова и виолетова. Од Џамбатиста Вали се очекува да ги понуди оние карактеристични „торта“ фустани од тул, па токму во тој стил се завршува и ревијата.

 

Armani Prive

Одела, одела и свечени фустан. Вака би бил најкусиот опис на најновата колекција од висока мода на брендот „Armani Prive“. Сатенски панталони, сакоа, пелерини и капути во пепито принт се она што уште во првиот момент ќе забележите дека се истакнува.

Посебно внимание е обрнато на текстурата, а ставен е акцент и на играта со контрасти, па на сатенот му се „спротиставува“ кашмирот. Дел од креациите се украсени и со Сваровски кристали и пердуви од ној. Секако, ниту една ревија на „Армани“ не може да помине без свечените фустани, каде доминира црната боја.

Инаку, интересно е тоа што, едно од нештата што ја поврзува целата колекција е врзувањето, во горниот или долниот дел на креациите.

 

Ралф и Русо


Најновата колекција „Ралф и Русо“ е  остварување на соништата на сите што ја сакаат романтичната естетика, но и сексапилот. Речиси сите креации се украсени со тул, тантела, цветни апликации. Поголемиот дел од моделите се долги тоалети, комплетирани со шапки изработени од твид, со извезени цветни мотиви.

Објавено:
6 јули 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
766 пати