Висока мода во градината со рози на Шанел!

24 јануари 2018

Маестралниот Карл Лагерфелд се надминува себеси со секоја наредна „haute couture" ревија.
Овој пат тој „Grand Palais" во Париз, ја претвори во магична градина со англиски рози прикажувајќи една комплетно женствена колекција чија романтична естетика беше во совршена симбиоза со бајковитата сценографија.

Цветовите беа главна тема што Лагерфелд ја раскажа како преку совршено осмислената сценографија, така и преку дизајнот на новата „haute couture" колекција за пролетната сезона.

Сѐ е во знакот на женственоста метафорично прикажана преку цветовите – од цветните детали на главата до рачно изработените 3Д цветови аплицирани на здолништата од тул.

Во суштина, акцентот беше ставен на комбинацијата од тул, твид, пердуви, транспарентни и светкави материјали, што како естетика е добро проверен и сигурен избор за црвениот килим, меѓу другото и за претстојните Оскари.

Традиционално, ревијата ја отворија комбинации изработени од твид во нежни пастелни бои, а како се развиваше приказната од дневна до вечерна облека, се повеќе беа застапени флоралните детали.
Ќерката на Синди Крафорд, Каја Гербер како модел дебитираше на ревија за висока мода, а се разбира не беше воопшто случајно тоа што прво нејзино појавување на ваков тип на ревија беше токму на Шанел. Таа веќе ја најави заедничката колекција што ја подготвуваат со Лагерфелд.

Крајот беше исто толку спектакуларен колку и целата бајка на Шанел, што ја заокружи 9-годишниот Хадсон Крониг, инаку муза на дизајнерот, облечен во романтична бела кошула и бел џинс, во придружба на модел во драматична варијанта на бел костум украсен со пердуви, како резиме на колекцијата.

Фото извор: Guardian, Vogue, Indigital.tv, GONXZALO FUENTES/REUTERS

 

Објавено:
24 јануари 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
359 пати