Вистинската убавина на жената претставена преку пролетните креации на Мила Кадриу

18 април 2015

Вчеравечер со ревија на креаторката Мила Кадриу за колекцијата пролет-лето 2015 насловена „Veritas“, се заокружи единаесеттото издание на Модниот викенд Скопје.

Концептот за овој моден перформанс на Кадриу излезе од шаблонот и понуди едно поинакво доживување, пред сѐ, благодарение на изборот на локацијата.

Пријатниот амбиент на винаријата „Камник“ и убавиот поглед на Скопје, ја надополнија приказната на креаторката која со оваа ревија целосно се посвети на женствените и романтични кроеви.

Во целата линија се провлекува нота на свеченост, со комбинација на различни типови на материјали, претежно во лелеави кроеви или форми што ја следат женската силуета. Колорната палета варира, но врз бела и црна основа. Па така имавме можност да видиме креации во пудрести тонови до такви со шарени цветни принтови.

Покрај романтичните фустани со лелеав пад и здолништата од тантела украсени со флорални везови, во колекцијата се застапени и парчиња кои може да се адаптираат во секојдневно носливи како на пример панталоните со висок струк комбинирани со кошула или комбинезоните со широки ногавици.

Кадриу за Fashionel.mk посочи дека единствено важно во оваа колекција и било да ја претстави вистината за жената, за нејзините чувства, за нејзината вљубеност во втората кожа, односно фустаните.

„Инспирацијата едноставно ја црпев од самата, основна убавина на жената, од нејзината слобода, тоа и ми беше најважно, затоа и одбравме ваков простор. Мило ми е што соработував со винаријата Камник, многу сум им благодарна. Многу ми се допадна концептот, бидејќи претставивме една девојка која што излегува од замок, а сепак е слободна. Основната боја на целата колекција беше белата, а најмногу ја комбинирав со црната. Освеживме некои модели со бои како жолта, сина, нијанси на виолетова итн. Текстилната карта можеби не беше сосема компатибилна, но многу ми беше важно да мешам и да комбинирам, секогаш сакам да направам баланс, како што впрочем правам и во животот. Балансирав меѓу подебели и потенки материјали, свила, пердуви, тантела и сето тоа со детали. Користев брокат кој што многу го сакам, свила во неколку форми, сатен, тул и уште многу други материјали“, вели Кадриу.

Како и кај многу други ревии што имавме можност да ги погледнеме, се чини и кај Кадриу не се посветило многу големо внимание кај чевлите.

Секоја чест на изборот на неколку чифта кои се чинеа како совршена комбинација за креациите, но имаше и такви кои воопшто не соодветствуваа со нежните тантели претворени во романтични фустани.

Она што исто така беше впечатливо, беа и неколкуте поинакви, навидум изместени  кроеви кај некои креации, особено впечатливи кај црно – белата, инаку шик креација.

Вчеравечер имавме ретка можност да уживаме во прекрасниот амбиент на винаријата Камник со позитивни и ведри лица и вистински пролетни модели создадени во работилницата на MCouture.

Веќе следната недела, на 24 – ти април, дизајнерката ќе ја претстави колекцијата во Нови Сад во рамки на тамошната Модна недела.

Објавено:
18 април 2015
Категорија: 
Колекции