Во ресорт-колекцијата на Шанел пресликана јужнокорејската култура

6 мај 2015

Токму вечерта кога во Њујорк главна сензација беше Мет Гала, Сеул уживаше во настан со исто толку големо значење: ревија за новата ресорт-колекција на Шанел.

Карл Лагерфелд секогаш размислува рационално за пласманот на пазарот на своите колекции, па така овојпат во новата колекција имплементираше мотиви карактеристични за јужнокорејската култура. Како резултат на тоа, сведочиме за една богата колоритна колекција, која мимикрира со модернистичкиот амбиент на зградата Донгдаеун Дизајн Плаза.

Очигледен е фактот дека креативниот директор на Шанел сериозно се занимавал со историјата на Јужна Кореја, за на крај низ препознатливата дизајнерска призма на брендот да направи своја реконструкција на традиционалната јужнокорејска облека. Често е користена пачвор техниката, па забележуваме спој на различни дезени, принтови и материјали. Се разбира твидот е неизбежен и е скроен во форма на сакоа, здолништа и панталони со широк крој, а источнити мотиви се редефинирани во еден современ Шанел дизајн на кимоната и фустаните. Низ целата колекција преовладуваат и интензивните бои, флоралните принтови како и асиметричните и архитекстонси форми. . Комплетната слика на источната Шанел девојка, ја надополнува и масивниот накит како и фризурите сплетени во плетенки или пунџи.

Иако листата на гости беше скромна токму поради фактот што ревијата истовремено се оддржа со Мет Галата во Њујорк, сепак доследни на својот Лагерфелд останаа Кристен Стјуард, Тилда Свинтон како и Жизел Бундшен кои седна во првите редови.

 

Објавено:
6 мај 2015
Категорија: 
Колекции