Возбудлив викенд на PFW

5 октомври 2015

Викендов во Париз беше еден од највозбудливите со оглед на тоа дека во рамките на тамошната модна недела беа презентирани колекциите на едни од најзвучните имиња во модната сфера. Александар Меквин, Џон Галијано, Кензо, Вивијан Вествуд се само дел од богатата програма на париската модна недела, кои со својот дизајнерски темперамент, инвентивност и будна фантазија, на модната публика и понудија многу за што да  зборува, но и што да  носи.


Александар Меквин

Сара Бартон го „разнежни" ексцентричниот дизајнерски израз карактеристичен за Александар Меквин, создавајќи женствена и ултра романтична колекција. Формите и линиите се смирени, дефинирани по женската силуета, со акцента на карнерите што го следат боемскиот дух, нагласената половина како и корсетите инспирирани од викторијанскиот период. Екстравагантната естетика е присутна во секој поглед, почнувајќи со комбинацијата на материјали и детали, особено задржувајќи се на украсните синџири за тело што како детаљ ја следат и поврзуваат целата колекција.

 Џон Галијано

Контрадикторностите во стилот на Британците во 20-от век, без конкретно задржување на одреден период, е основната тема во колекцијата на Џон Галијано. Па затоа линијата пролет-лето 2016 изобилува со богати варијанти на различни стилови, но со оглед на тоа дека тантелата доминира како материјал, на оваа колекција сепак ќе и препишеме дека е романтична. Детаљ што го задржува вниманието е принтот со точки аплициран на фустаните, кошулите, здолништата, палтата и хулахопките.

 Кензо

Авантурите на Кензо се секогаш возбудливи. Таква е и динамиката во нивната нова колекција скроена во фазон помеѓу спортска линија и облека за на плажа. Миксот на принтови е неизбежен, па и овојпат го одржува препознатливиот печат на брендот со комбинација на многу бои и геометриски форми.

 Вивијан Вествуд

Кога дизајнерската естетика на Вивијан Вествуд ќе се спои со диско ерата, без сомнеж се добива креативна „експлозија“. Ексцентричната дизајнерка која важи за најголем активист помеѓу дизајнерите, за заштита на животната средина, остана во расположение препознатливо за неа: богат колорит, слоевитост во комбинациите, „откачени" фризури и по некоја оптичка илузија што донесоа една поинаква динамика на модната писта. Вивијан ги потенцираше рамената со предимензионирани капути со шилести  или „туфнести" ракави, стеснувајќи ги кај струкот, а со тоа посветувајќи и се на женствената силуета.

Објавено:
5 октомври 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
302 пати