Врвни имиња на вчерашниот ден на NYFW

13 септември 2016

Вчерашниот ден на Њујоршката модна недела го одбележаа врвни имиња што прикажаа достојни колекции на нивното реноме. Дамата на американската мода Каролина Херера слави 35 години во модниот бизнис и по тој повод прикажа колекција во која ги спои некогаш и сега, Оскар де ла Рента на луксузот му даде младешка енергија, а по промените во модната куќа DKNY видовме колекција преку која беше реинтерпретиран нејзиниот дизајнерски ракопис.

DKNY

По продажбата на брендот DKNY на групацијата G-III Apparel Group што се случи летово, сите со нетрпение очекуваа да видат дали тоа ќе влијае на креативата во модната куќа.
Она што можевме да го видиме во колекцијата за сезоната пролет-лето 2017, презентирана вчера во рамките на Модната недела во Њујорк, е нова интерпретација на дизајнерското дуо Максвел Озборн и Дао Ји Чао на веќе препознатливата естетика на брендот.


Во колекцијата ја препознаваме средбата на модата со улицата, па она што доминантно ја води е успешно применетите техники на дизајн на улична естетика што креаторите ја применуваат во матичниот Public School.

Футуристичкиот израз на спортските аутфити е пренесен преку нагласените рамена и стеснетата половина, предимензионираните ракави и платненните чизми до и над колена на гумена платформа.
Во принцип аутфитите се монохроматски со комбинација на текстури и транспарентни материјали во црно, бело, виолетово, сиво... Тенките вертикални линии, принтовите со логото и спортските елементи, се задржани како препознатлив печат на брендот.

 

Оскар де ла Рента

Една од најпопуларните колекции на Њујоршката модна недела е секако онаа на луксузната модна куќа Оскар де ла Рента. Овој пат видовме една нова, младешка и свежа енергија преку колекција во која е присутна бохо романтиката. Линијата се отвора со чисти, бели, тантелни фустани со нота на лежерност. А понатаму следуваат дводелни комбинации во богати и шарени принтови, сафари костуми со нагласена половина, како и комбинации во кои се присутни етно елементи и рачни везови.

Колекцијата е финиширана со неизбежните коктел фустани, и тоа од препознатливиот А крој со волуменозен долен дел до мини коктел фустани со голи рамена. Дополнителна доза на лежерност на целиот тој гламур му даваат ниските отворени сандали кои поблиску асоцираат на плажа, отколку на гала црвен килим каде креациите на Оскар де ла Рента се и најприсутни.

Каролина Херера

Дамата на американската мода, Каролина Херера оваа година слави 35 години во модниот бизнис. По тој повод, нејзината колекција за пролет-лето 2017 е микс на некогаш и сега. Таа ги редизајнираше нејзините врвни, најпрепознатливи креации и ги прилагоди на современата жена.

Нè воодушевува како џинсот го трансформира во луксузни и елегантни креации на кои никогаш не им недостига женственост.


Кулминација на колекцијата се фантастичните гала фустани во црно-бели пруги, како и романтичните женствени здолништа со нагласена половина со ремен и странични џебови.
Грациозна колекција во секој поглед, дури и покрај фактот што сите аутфити се комбинирани со ниски чевли.

 

Објавено:
13 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
624 пати