Втор ден FWSK: Симбиоза на европски дух и македонска мода

1 април 2019

Вториот од вкупно трите дена на 19-от Моден викенд Скопје, продолжи со изразен европски карактер во концептот што цели кон комуникација и поврзување на домашната со европската модна сцена.
Посетителите пред ревиските претставувања, повторно имаа прилика да го погледнат шоурумот „United Fashion SEE" каде ќе посведочат на миксот на креативна енергија на 28 дизајнери од 17 европски земји, вклучително и од нашата, а во мултимедијалниот дел од програмата наградуваната концептуална платформа „Иван Асен 22" беше отворен предизвик за љубителите на неконвенционалниот спој на модната и визуелната уметност.

Откако ќе се „соочите" со темпераментот на модната Европа, за која покрај дизајнерите од „United Fashion SEE", придонесуваат и гостите од различни европски изданија на познати модни магазини (новинари, уредници, стилисти), со широк поглед продолжувате да го следите ревискиот дел од програмата.

А овој сегмент од програмата на вториот ден, го отвори групна ревија на дизајнерките Ена Зафировска, Софија Урумовиќ и Марија Кулусиќ.

Ена Зафировска како млад македонски дизајнер се профилираше во Љубљана, Словенија, па не е невообичаено тоа што европскиот светоглед има видно влијание врз нејзиниот израз како креатор. За неа спојот на различни културни обележја во современи, многу често скулптурално дефинирани силуети, стана препознатлив предзнак, како и реупотребата на материјалите како нејзин глас за поддршка на еко-каузата. Овојпат ја презентираше колекцијата за есен-зима 2019/20 во која се чувстваува нејзината растеретеност од кокетрање со публиката, свртувајќи се кон својот внатрешен порив автентично да го засили своето дизајнерско присуство. Kолекцијата инспирирана од инсталационата уметност, ја нагласува одржливоста, занаетчиството и естетиката. Инсталационата уметност е жанр на тридимензионални дела, кои често се специфични за локацијата и се дизајнирани да ја трансформираат перцепцијата на просторот. Идејата на Евгенија Зафировска е да го интегрира традиционалниот и модерениот стил. Со надоградување на традиционалното и веќе познато, се добиваат нови префинети и минимализирано усовршени модели. Главната поента е да се реинтерпретира концептот на традицијата и рачната изработка на нов и иновативен начин. Фокусот е на глобалните и одржливи трендови, со тенденција да се задржи единственоста, автентичноста и персонализираноста на моделот.

26-годишната дизајнерка од Словенија, Софија Урумовиќ, беше симпатично освежување за ова групно претставување. За неа модата секогаш била органска професија, па преку нејзиниот игрив и колоритен дизајн, се остава впечаток дека ова за неа е природна средина.

Нејзината естетика го рефлектира нејзиниот интерес за обликот на дизајнот , но во голема мера е под влијание на нејзината лична интерпретација на секојдневниот живот и интимните спомени, надежи, стравови, минато, сегашност и иднина. Балансирајќи меѓу сензуалноста, софистицираноста и безгрижноста, нејзината визија е јасна: женска, удобна и нослива облека со детален пресврт и допир на експериментирање со облици и материјали. Во оваа колекција таа нуди визуелна конфирмација дека најзабавната подлога на земјата е човечкото лице. Нејзинатата колекција го истражува начинот на кој ликот како мотив се набљудува и интерпретира, кога е прикажан во апстрактен манир преку облеката.

Хрватската дизајнерка Марија Кулусиќ, ни презентраше колекција која преку амбициозна игра со кроевите и формите, и припаѓа на авангардната дама од уличната мода. Земјени тонови, „воздушести" силуети и неконвенционални споеви, ја прават оваа колекција впечатлива и предизвикувачка за модно, високоосвестени жени. Kолекцијата открива силен контраст помеѓу модните парчиња, а особено меѓу текстилите. Самиот изглед е инспириран од уште длабоко присутниот „деловен" кодекс на облекување во нашето општество. Потоа креациите се изложени на различни видови на трансформирање, извртување и уништување. Текстилните материјали се или довршени, или, пак, во целост работени со мануелен процес на бојадисување.

По групната презентација, следуваше самостојна ревија на македонската дизајнерка Маја Кикириткова, која по неколкугодишна пауза се враќа на домашната модна сцена со нејзината нова етикета „Елеазар", за која ќе каже дека е концепт заснован на нејзиното созревање. Неодамна таа го отвори своето модно ателје, заедно со презентација на нејзината колекција за актуелната сезона пролет-лето 2019, а со вчерашната ревија за истата на Моден викенд Скопје, го заокружува својот камбек. Естетиката на колекцијата е сведена на минимализам во кој се препознава еден нов израз на дизајнерката, упатувајќи на нослив дизајн со урбана нота изразена преку деталите. Како што ќе потенцира Кикириткова, овој спој на карактеристики е наменет за современата, урбана жена која го живее динамичното темпо на секојдневието и која сака истовремено да се чувствува и удобно и модерно. Во колоритот меѓу црната и белата, застапени се пастелни нијанси како олицетворение на пролетта, како и разиграни принтови што ѝ даваат темпераментен тон на линијата што ја сочинуваат комплети од мантили во комбинација со сако и панталони, макси фустани, миди здолништа со нагласен страничен шлиц, панталони со висок струк комбинрани со топ со карнери, парчиња што меѓусебно може да се комбинираат во различни целини.

Македонскот дизајнер, кој го развивал и дефинирал својот креаторски профил во Амстердам, Холандија и се потпишува под етикетата „Arthropoda", ја заокружи втората вечер на FWSK. Уличната мода со сите свои карактеристики на урбан и слободен дух, го има своето базично влијание во концепирањето на оваа линија во која е присутен младешкиот дух, но со еден универзален карактер. Спортската естетика премнува на едно ниво допадливо за всокософстицирани дами, како резултат на женствениот контекст во кој е вметната. А имајќи предвид дека уличната мода ја ужива својата популарност на секое ниво, ова е линија која дише со полни гради и ја наоѓа својата примена во различен амбиент, не само врамена во еден правец.

Фокусот на колекцијата „ATRP FALL19" е ставен на плетивата, давајќи им специјален пресврт преку истражување на нови форми и комбинација на детали.

 

Објавено:
1 април 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
435 пати