Живанши се врати на почетоците: нагласени рамена и графички принтови

2 октомври 2017

Првата колекција на новата креативна директорка на чело на Живанши, Клер Вејт Келер, е ретро патување кон самите почетоци на брендот.

Откако после 12 години во Живанши Рикардо Тиши ја напушти оваа функција во февруари, очекувањата од првата жена на чело на брендот се огромни. Таа колекцијата за сезоната пролет-лето 2018 што ја презентираше вчера на Модната недела во Париз, ја создаваше под голем притисок пред големите очекувања на јавноста.

За разлика на пример од Марија Грација Кјури, која Диор го однесе во еден сосема поинаков правец, Клер реши да се врати кон самите корени на брендот и да даде свое дизајнерско толкување на историјата на Живанши.

Така веднаш ќе го забележите акцентот на широките рамена, препознатлив за старите денови на француската луксузна куќа.

Клер ќе каже дека во своите истражувања ставила акцент на уште еден впечатлив момент – графичките принтови, што повторно се применети во новата колекција.

Стручната јавност различно го прифати овој потег на новата креативна директорка на Живанши, некои сметаат дека ова е симболична прва колекција со која одава почит на големото дизајнерско име, додека други велат дека треба да ѝ се даде време за да фати свој терк во развојот на брендот.

Фото извор: Vogue.com / Monica Feudi / Indigital.tv

Објавено:
2 октомври 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
409 пати