Зимската кампања на Валентино во ретро духот на црно-белите кадри

17 јули 2014

Валентино официјално ја круниса белгиската убавица, Ине Нифс како ново лице за претстојната студена сезона, а во тоа му помогнаа одличните фотографски вештини на фотографот Дејвид Бејли, со кого по втор пат соработуваат. Имено Бејли го изработи и едиторијалот за машката колекција која ќе биде актуелна за сезоната која следи. Се чини дека на Валентино му се допаѓа начинот на кој работи легендарниот фотограф, а тоа значи дека Бејли ќе биде во официјалниот тим на дизајнерот и во идните проекти кои следуваат.

Бејли, за женската кампања ја искористи истата техника на фотографско кадрирање на одредени делови од лицето, телото и облеката кои според дизајнерот треба да се нагласат и да бидат во преден план. Фотографиите се во црно-бел филтер со доза на ретро тематска визија што беше изненадување за сите со оглед на колоритноста со која се карактеризира колекцијата.

Со користење на студениот „црно-бел“ ефект на фотографиите, Бејли ја поедностави целата палета на колекцијата и ја сведе на само две бои со што креираше мала оптичка илузија за гледачите, оставајќи им простор за имагинација.

Освен со промоцијата на кампањата за претстојната студена сезона, 82-годишниот дизајнер Валентино Гаравани, подготвува уште едно изненадување за сите свои обожаватели. Станува збор за нова книга која ќе има за цел да не воведе во светот на луксузниот живот, дело кое нема да зборува за модата, туку во целост ќе го опише бурниот живот на дизајнерот, неговите љубовни врски, забавите, личните хобија, слаткиот живот, фините јадења, трансформацијата на неговата модна куќа во вистинска модна империја...

Литературното дело ќе биде објавено во ноември, а предговорот го напиша легендарниот Андре Леон Тејли кој вели:

„Погледнувајќи во неговиот универзум ќе се најдете во светот на луксузните апартмани, ќе се најдете во навистина редок, просперитетен и скап амбиент. Ви се допаѓа ли, можете да живеете таму... дознајте!“.

 

Објавено:
17 јули 2014
Категорија: 
Колекции