10-годишен модел со целебрална парализа поместува граници

15 август 2017

Ова е можеби најфасцинантната приказна што денеска ќе ја прочитате. Емили Приор е 10-годишното девојче од Австралија, модел, која има церебрална парализа, но тоа не ја спречува во желбата да направи промени во светот.

Таа се надева дека со она што го прави ќе се обиде да ја предизвика гламурозната модна идустрија повеќе да ги вклучува лицата со посебни потреби.

Инаку, Емили е заштитно лице на некои од најголемите брендови за детска облека и обувки како „Rock your baby“ и „Betts Kids“.

Во интервјуто за „Дејли Мејл Австралија“ таа зборува за нејзината мисија да ја промени перцепцијата на модната индустрија кон лицата со одредена попреченост.

-Многу е важно да се презентираат луѓе со посебни потреби во адвертајзингот, затоа „тоа сме ние“. Сите треба да бидеме вклучени и инклузивни. Навистина би сакала повеќе големи брендови да се вклучат во ова и да ги вклучат лицата со одредена попреченост во своите реклами. Сè уште нема доволно бренови што би се осмелиле на таков чекор – објаснува малата Емили.

Таа се појавува и на насловната страна на каталозите на „Таргет“, „Back to School“ и „Latest Kids Fashion“.

-Многу бев возбудена кога се видов на насловната страна, бидејќи сонував за тоа да се најдам во некој каталог и бев многу горда на себе. Добивав многу пораки од луѓе што ме виделе и сум им се допаднала – вели моделот.

Инаку, кариерата ја започнува од осумгодишна возраст, кога ја прашала нејзината мајка Џени (42), листајќи каталог, „Зошто овде нема девојчиња модели како мене?“. Тоа што уште на таа возраст можела да ја препознае моќта и пораката која маркетингот ја има, нејзината мајка одлучила да ѝ го исполни сонот. Стапиле во контакт со организација која се залага за еднаква застапеноста на луѓето со попреченост во сите медиуми и маркетинг сфери.

-Се срамам што ќе кажам дека не помислив веднаш колку обрнала внимание на медиумите и маркетингот во однос на неа и лицата како неа. Но, тоа е меч со две острици. Медиумите можат да имаат и позитивен, но и негативен ефект и дури да придонесат за уште поголема одбивност и дискриминација на лицата со посебни потреби.  – искрена е Џени.

Но, за среќа, примерот на Емили е повеќе од позитивен.

-Се обидувам да направам разлика, да бидам сигурна дека луѓето со посебни потреби ќе бидат дел од адвертајзингот и дека сите ќе бидат вклучени. Сакам луѓето да видат како изгледа мојата попреченост и можеби ќе сакаат да научат нешто повеќе за целебралната парализа и да разберат подобро.
А за тоа што претставува моделингот за неа, ќе каже:

-Ми се допаѓа ова што го правам затоа што ми е забавно. Ќе престанам кога ќе одлучам јас. Успевам да заработам пари и ми се допаѓа средувањето на косата, шминкањето и тоа што носам многу различна облека. Би сакала еден ден да бидам и актерка, бидејќи мислам дека луѓето со попреченост треба да добиваат улоги и да бидат застапени и такви улоги во сериите или филмовите.  Исто така, би сакала да патувам насекаде низ светот, работејќи како модел.

Да се пробие во модниот свет не е така едноставно, бидејќи кастинг и моделинг агенциите често со предрасуди гледаат на моделите со попреченост, како нешто што не е добро за пазарот, а тоа Емили понекогаш тоа тешко го прифаќа.

-Попреченоста не е „изглед“, тоа е искуство и идентитет кој го дели еден на пет луѓе. Честопати агенциите нè одбиваат дури и ако кажеме дека сами ќе ги покриеме трошоците. Не нè земаат предвид – објаснува мајката Џени.
Таа додава дека Емили е горда на тоа што е и сака да им помогне и на другите да го следат својот сон, сака да им го олесни патот.

Покрај моделството, Емили е само обично девојче кое сака да црта, посетува часови по пеење и го гледа својот брат како игра фудбал за викендите.

-Би сакала да остварам кариера како модел и да им помогнам и на другите да го остварат својот сон. Дури и ако не се случи веднаш, не откажувајте се. Продолжете да се обидувате – порачува Емили.

А нејзината следна цел е учество на ревија на некоја модна недела или на телевизија.

За уште поголема инспирација има и Инстаграм профил, кој можете да го видите тука.

Објавено:
15 август 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.489 пати
Извор: 
DailyMail