2016 - година на модата и политиката

14 декември 2016

Декември е месецот кога се прават ретроспективи за годината на изминување. Ако се фокусираме на светската модна сцена, 2016 помина во знакот на врската помеѓу модата и политиката.

Ако сте од оние што мислат дека политика има во сè, тогаш оваа информација и нема да ви изгледа толку чудно. Но, сепак можеби како никогаш до сега политиката се протна во модниот свет и генерално, светот на шоу-бизнисот.

А во продолжение ќе се потсетиме и како:

 

-Годината започна со јубилејното 50-то издание на „Супер Боул“. Во центарот на вниманието беше секако Бијонсе, со стајлинг инспириран од поранешен настап на Мајкл Џексон. На настапот придружувана од женска танцувачка група, а тие девојки беа облечени како Black Panters, (женска вооружена група инволвирана во „црнечкото“ движење во 1960-тите и 1970-тите).

Пораката според голем дел од јавноста беше јасна – да се потенцира моќта на Афроамериканците, што тие секако го поздравија, а други го протолкуваа како не основано и претерано. Повеќе за настанот тука.

 

-Во сличен манир поминаа и Оскарите. Откако дел од познатите Афроамериканци ја бојкотираа манифестацијата, поради незадоволството што ниту еден црн уметник не е номиниран за оваа престижна награда на Американската филмска академија и тоа две години по ред. Турбуленциите пред одржувањето на манифестацијата, кулминираа со говорот на минатогодишниот домаќин Крис Рок, кој ја бранеше токму спротивната теза. Повеќе за тоа на линковите тука и тука.

 

-Сигурно се сеќавате и на жената што ја упасија на плажа во Франција бидејќи носела хиџаб, односно буркини. Тоа повлече голема дискусија околу човековите права, а уште повеќе за правата на муслиманските жени. За хиџабот се говореше и како моден додаток кој стана сè позастапен во уличната мода и како тоа ги подели муслиманските жени.

На крајот се јави и креаторката на Буркините и им објасни што за неа значи носењето на ваквиот костим за капење. „Создадов буркини за да им дадам на жените слобода, а не да им ја одземам“ рече дизајнерката Ахеда Занети. Потсетување тука.

 

-Во оваа модна ретроспектива, не можеме да го заборавиме ниту големото шоу на „Шанел“ во Куба, поточно во Хавана. Со тоа, „Шанел“ стана првиот бренд што пласирал модно шоу во оваа земја. Многумина не можеа да го разберат ваквиот чекор од страна на бенефит, бидејќи во тоа време просечна месечнаплата во земјата изнесувала 25 долари, така што модната куќа со сигурност не би профитирала на Куба. Но, од тимот тогаш изјавија дека со шоуто се насочува вниманието кон островот и населението, што е и една од целите.

 

-После неколку месеци се појави и информацијата дека есенва, Condѐ Nast ќе го лансира првото издание на арапскиот Вог, каде прва дама и уредничка на магазинот ќе биде принцезата Дина Абдулазиз. Компанијата соопшти дека прво ќе лансира онлајн издание на магазинот на арапски и англиски јазик, а потоа ќе биде означен и почетокот на лансирањето на печатеното издание, најверојатно пролетта 2018 година.

Лансирањето на онлајн магазин на два јазика паралелно е прв ваков чекор за компанијата, а ќе овозможи истата многу брзо да се инфилтрира на пазарот на Блискиот Исток. Одлуката конечно да се лансира арапско издание на Вог е неверојатно значајна за компанијата, со оглед на тоа што Њухаус пред 10 години го одби предлогот да се отвори арапски Вог појаснувајќи дека Блискиот Исток постојано ги одбива западните вредности за слободата, еднаквоста на жените и изразувањето на сексуалноста. Повеќе тука.

 

 -Летото помина и во знакот на Брегзит. Британија на референдум се изјасни дека сака да излезе од Европската Унија. Најгласни против оваа одлука беа модните дизајнери, кои стравуваа дека ваквиот развој на настаните ќе се одрази лошо на нивниот бизнис, кој секако, е интернационален. Сајтот „Business of Fashion“ во својата анализа објави податок според кој несомнено е дека „Брегзит“ќе предизвика негативни последици во оваа сфера на дејствување. Имено, во 2014 година, модната индустрија придонела 26 милијарди фунти (односно 38 милијарди долари) кон британската економија, а со најновиот развој на случувањата се очекува оваа бројка да биде значително помала. Повеќе за оваа тема може да прочитате овде.

 

-Летото го одбележа и доаѓањето на новата Британска премиерка, Тереса Меј и нејзиниот интересен моден вкус, особено кога се обувките во прашање. И покрај тоа што некои ќе речат дека жените во политиката не треба да бидат оценувани според тоа што го носат, од „Мирор“ сметат дека е навистина освежувачко да се види една дама која се забавува со облеката.

Неколку месеци подоцна, таа ги повика најдобрите британски дизајнери во својот кабинет, и тоа во пресрет на модната недела во Лонодн. Премиерката ја нагласи важноста на Велика Британија во светската модна индустрија која на земјата и носи околу 28 милијарди долари годишно и вработува повеќе од 900 илјади лица, додека модната недела во престолнината ja посочи како интернационален настан кој секоја година го посетуваат огромен број на луѓе од 58 земји ширум светот.

 

-А по Брегзит, вниманието од Британија се насочи кон САД и претседателските избори. Првин се појави информација дека Ана Винтур ќе биде новата модна советничка на Хилари. Потоа, речиси и да нема некој од модната индустрија што не се приклучи кон поддршката на Клинтон за победа.

Модели, уредници, дизајнери, водители,пејачи сите јасно дадоа до знаење за кого ќе гласаат. Некои носеа маички, се фотографираа, пееја во нејзина чест, но кампањата беше широко распространета во модната и шоу-биз индустријата.

Од друга страна пак, Хилари се појавуваше во скапи брендови што дел од јавноста го искритикува. Уште нешто кога е нејзиниот стил во прашање, се женските одела што ги менуваше во боите на американското знаме. Со тоа дефинитивно ја одбележа својата кампања и модните комбинации во неа. Тоа доведе дури и до движење насловено како „моќта на панталоните“, што беше уште еден показател за поддршката на Клинтон.

 

-Кога е стилот на Трамп во прашање, тука нема преголема анализа, разликата е само во вратоврската – дали е сина или црвена. Но, затоа стилот на неговата сопруга беше предмет на анализа. И покрај тоа што сите ќе се согласат дека има елегантен стил доведен речиси до перфекција, незадоволството од новоизбраниот претседател, од модната индустрија го изразија токму преку Меланија.

Голем број дизајнери одлучија да ја бојкотираат, на тој начин што ќе одбијат да дизајнираат за неа. Томи Хилфигер беше меѓу првите што се спротистави на ваквиот повик, сметајќи го за недоличен. Потоа му се придружија и Каролина Херера и други дизајнери, па модната индустрија стана уште поподелена.

 

-Мишел Обама. Доволно е да се изговори само нејзиното име. Според модните стручњаци, во изминативе осум години, таа направи вистинска модна револуција враќајќи ја женственоста на жените во политиката.

2016

Доказ за нејзиното влијание е и фактот што за време на владеењето на Барак Обама, таа имаше три насловни на Вог. Првата беше во март 2009 година, веднаш по инаугурацијата. Втората во април 2013, а третата е за актуелното декемвриско издание на Вог.

2009

2013

 

Објавено:
14 декември 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
661 пати