По повод јубилејот, прочитајте неколку факти што веројатно не сте ги знаеле

45 години „Кум“

24 март 2017

Речиси и да нема човек што досега не го погледнал култниот филмски класик „Кум“ од 1972 година. На денешен ден пред точно 45 години се случи првата премиера на остварувањето.

Овој голем јубилеј нема да помине незабележително. Имено, на претстојниот филмски фестивал „Трибека“, дел од екипата ќе се собере повторно.

Основачот на фестивалот, Роберт де Ниро, воедно и еден од протагонистите во филмот, успеа да ги собере режисерот Френцис Форд Копола, Ал Пачино, Дајан Китон, Роберт Дувал, Џејмс Кан и Талија Шир.

Единствено ќе недостасува Марлон Брандо, кој почина во јули месец 2004 година, но несомнено тоа ќе биде ноќ за паметење.

Репликите од филмот и денес се прераскажуваат, но веројатно повеќето од вас не знаат дека за повеќето актери, снимањето на „Кум“ било едно од најзабавните што некогаш ги имале.

 

А во продолжение прочитајте и зошто:

-Иако еден од најпопуларните, сепак „Кум“ не е најдобар. На листата на IMDB, тој се наоѓа на второто место. Пред него е „Бегство од Шошенк“.

-Малку недостасувало филмот да не се сними. Имено, авторот Марио Пуцо во 1967 година добил понуда од „Paramount Pictures, да ја откупат новелата, но агентот го советувал да не ја прифати понудата. Сепак, Пуцо не го послушал и во 1969 година започнало снимањето на денес, култното остварување.

-Но, не одело сè баш така лесно. И покрај тоа што истоимената новела била една од најпродаваните, кога „Paramount Pictures“ одлучиле да ја преточат во филм, дури 12 режисери го одбиле проектот, вклучувајќи ги Серхио Леоне и Петер Багданович. Дури и Френсис Форд Копола ја одбил понудата првиот пат.  Но, во тоа време се соочувал со финансиски потешкотии и размислил уште еднаш за понудата. Тоа веројатно му била и една од најдобрите одлуки во животот.

-Во книгата, дејствието се одвивало во 1940-тите години во Њујорк. Но, студиото сакало да заштеди пари, па идејата била дејствието да се одвива во текот на 1970-тите и тоа во Канзас. Голема промена, но успешна за Копола.

Копола

-Копола за малку ќе бил отпуштен и тоа само една недела од снимањето и тоа поради повредата на Ал Пачино и големото доцнење на распоредот. Дека од студиото биле мошне сериозни во таа намера, говори и фактот дека е пронајдер режисер кој би го заменил и кој доаѓал на сетовите, како сенка на Копола, очекувајќи повик во секој момент. Притисокот бил на максимум.

-Како да немале доволно стрес, но во тоа време на Копола му се раѓа третото дете, ќерката Софија, која денес е еден од најпочитуваните филмски режисери.

- Од „Парамаунт“ сакале филмот да допре до пошироката публика, па затоа вработиле „тренер за насилство“, да им помогне да додадат повеќе крв, смелост и модрици во сцените.

–Во тоа време веројатно не постоела понасилна сцена во филмската историја од онаа каде е претставена смртта на Сони Корлеоне. Тоа е воедно и најскапата сцена во филмот, која ги чинела 100.000 долари. Всушност, Џејмс Кан носел 127  „петарди“ полни со крв на себе, за да може што поверодостојно да се претстави моментот кога куршумите го погодуваат.

–Дел од екипата бил и сега легендарниот Џорџ Лукас, кој ги режирал, снимал и монтажа на некои сцени. Потоа, ќе каже дека парите што ги заработил од „Кум“ му помогнале за финансирање на неговиот филм „Американски графити“.

-Релативно тогаш непознатиот Ал Пачино за улогата на Мајкл во филмот заработил само 35.000 долари (во денешно време околу 216.000 долари, исто колку и Дајан Китон и 1.000 помалку од Дувал). Многу повеќе ќе заработува за продолжетоците, и тоа многу повеќе од големата ѕвезда Марлон Брандо. За вториот дел добил 600.000 долари и 10 проценти од приходот на филмот.

-„Парамаунт“ своевремено не сакале Марлон Брандо да биде Дон Корлеоне, поради лошата репутација на актерот, кој секогаш ги одложувал филмовите. Тимот на студиото му дало тест за улогата, што било прилично голем удар за ѕвезда како него, потоа морал да има полиса на осигурување против доцнење и одложување, а исто така го приморале да не зема цела плата, туку процент од профитот, што подоцна ќе се покаже дека и не е така лошо.

-Копола имал и план Б, ако Брандо не ја одработи договорената работа. Неговиот единствен избор за ликот Дон Корлеоне бил Сер Лоренс Оливие. Но, тоа не значело дека и други актери не ја посакувале улогата.

-Орсон Велс бил еден од тие што сакале да бидат Дон Корлеоне и го молел Копола за улогата.

-Не е изненадувачки податокот дека Сојузот за италијанско-американски граѓански права не можел да го поднесе филмот и барал референците на „мафија“ и „Коза Ностра“ да бидат отстранети. Наводно, Копола се согласил, истакнувајќи дека тоа не го менува филмот.

-Ја споменавме Софија Копола пред малку, се сеќавате? Бебето во баптистичката сцена на крајот од филмот е токму таа. Во вториот дел таа е имигрантката која Вито Корлеоне ја носи на островот Елис и во третиот таа е ќерката на Мајкл Корлеоне, улога што Софија ја доби откако Винона Рајдер ја одби.

-Во воведната сцена, Вито Корлеоне држи мачка, и тоа мачка собрана од улица. Во оригиналното сценарио не била предвидена. Френсис Форд Копола ја нашол додека шетал од студиото на „Парамаунт“ и ја вовел во филмот. Мачката толку гласно мјаукала, што репликите на Марлон Брандо воопшто не се слушале, па во монтажата морале да го намалат звукот.

-Замислете како изгледало снимањето на сцената во која актерот Џон Марли треба да се разбуди со коњска глава во креветот. На пробите вежбале со вештачка глава, но кога камерите се уклучиле, во креветот имало вистинска коњска глава, за која актерот воопшто не бил известен. Главата ја набавиле во една фабрика за храна за кучиња. Криците на Марли биле реални. Групите за заштита на животните се обидувале да издејствуваат таа сцена да се исфрли од филмот, но безуспешно.

-Можеби ситуациите на големото платно биле напнати, но актерите на сетот бескрајно се забавувале. Марлон Брандо, Џејмс Кан и Роберт Дувал во текот на целото снимање еден на друг си ги повлекувале панталоните надолу, со цел да се видат голите здници. Сè се завршило кога Брандо го покажал голиот задник на сред снимање и тоа на сцената на венчавката. Кан и Дувал го признале поразот.

-Сцената во која Сони го претепува Карло се снимала четири дена и во неа учествувале 700 статисти, иако поголемиот дел од нив не влегле во завршната верзија.

-Марио Пуцо го измислил терминот „Кум“ за својот роман. Но, тоа не е единственото што тој го измислил. Копола подоцна зборуваше како „Дон Корлеоне“ е погрешен збор. Кога на италијански на некого му се обраќаш со „дон“ тоа е исто како да кажеш „вујко“ или „чичко“. Правилната употреба би била „Дон Мајкл“ или „Дон Вито“. Копола тврди дека Пуцо не зборувал италијански (и покрај неговото италијанско потекло), па му текнало по свое убедување „Дон“ да го додаде до презимето.

-Пукањето во Мо Грин низ око било инспирирано од вистинската смрт на гангстерот Багзи Сигел. Мајсторот за специјални ефекти ставил две капсули во очилата на Алекс Рок. Во едната се наоѓала лажна крв, а во другата компресиран воздух. Кога го упукале, воздухот ги исфрлил капислите низ очилата, а потоа испукатала и капсулата со лажна крв.

-Џејмс Кан за улогата на Сони носел вештачки заби. Со оглед дека филмот е сниман во 1972 година, изработката не била многу квалитетна, па поголемиот дел од времето имал болки.

-Френк Синатра бил против овој филм и се шпекулирало дека му се заканувал на Марио Пуцо во 1970-тата година и тоа поради сличноста на Џони Фонтана и него. Синатра бил опседнат со кариера. Тој знаел дека улогата на Вито Корлеоне е одлична и кога се сретнал со Копола и тоа пред почетокот на филмот ќе му каже: „Френсис, јас ќе го играм Дон Вито за тебе. Никогаш тоа нема да го направам за момците од „Парамаунт“, па ајде да ги земеме назад авторските права и да снимиме филм“. Копола ја одбил понудата и тоа ја зголемило омразата на Синатра кон целиот проект.

-Но, Кјубрик сметал дека ова е еден од најдобрите филмови некогаш направени.

-Покрај бебето, Копола го вклучи и својот татко во филмот. Имено, Кармин Копола ја свири музиката на филмот и бил еден од членовите на бендот кој свири на свадбата во филмот.

-Прв избор за Мајкл Корлеоне бил Роберт Редфорд или Рајан О’Нил. Но, Копола го сакал Пачино. На аудицијата за оваа улога се појавиле и Мартин Шин и Џејмс Кан, кој ја добил улогата за ликот на Сони.

-Роберт де Ниро бил на аудиција за неколку улоги, но дури години подоцна се дозна дека една од нив била за Сони.

-Голем дел од репликите се импровизација.

-Сите пари заработени на премиерата на филмот биле дадени во добри цели – за отварање на „The Boy’s and Girl’s Club of New York“.

-Во 2006 година се појавува видео игра „Кум“. Многу од актерите ги позајмија своите гласови за играта. Но, не и Ал Пачино. Причината не е поради тоа што не сакал, туку поради тоа што веќе ги продал правата на неговиот глас за видео играта за „Скарфејс“ лансирана неколку години претходно.

Објавено:
24 март 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
172 пати