Адвоа Абоа: Од обид за самоубиство до најдобар модел во светот

22 март 2018

Адвоа Абоа е една од најпопуларните модели на новата ера, доби награда и за најдобар модел за минатата година, во самиот врв е, но сосема различна од моделите за кои секојдневно слушаме и пишуваме.

Во последните неколку години животот на Абоа се одвива лудо и тоа во најмала рака. Практично, родена е во модниот свет, таа е ќерка на познатата агентка Камила Лоутер и скаутот за локации, Чарлс Абоа. Од некој што никогаш немал амбиција да стане модел, дојде до насловната на британскиот „Вог“ и признание за најдобар модел.

Модните инсајдери ја обожуваат, има своја личност и изграден став.

„Не верував дека можам да бидам модел. Моите родители имаат неколку пријатели кои рекоа дека би можела да бидам, но јас не бев сигурна во себе“, ја почнува приказната Абоа.

Ѝ приоѓале скаути, но никогаш не била заинтересирана. Работите ќе се сменат кога ќе има 17 години, кога ќе го потпише и првиот договор со модна агенција. Но, несигурноста не ја напушта.

„Мислам дека немав доволно самодоверба и мислам дека во индустријата немаше простор за некој што изгледаше како мене. Но, работев. Работев чудни ангажмани. Имаше периоди кога имав пари, но и периоди кога немав. Имав подеми и падови“, вели моделот.

Во тинејџерските години почнува да експериментира со дроги и тоа не наивно. Нејзиниот подем како модел беше во контраст со борбата со зависност. Во 2015 година има обид за самоубиство, како последица од депресија, а истата година, излегува италијанското издание на „Вог“ со неа на насловна страна и нејзиниот лик го има на сите можни трафики не само во Италија, туку низ светот.

Тоа е моментот кога се случува пресвртот во контекст на нејзината кариера. Но, тоа е и почетокот на нејзиното оздравување. А тоа ќе ја донесе и до „Gurls Talk“. Ќе основа движење, мрежа за поддршка на млади луѓе кои зборуваат на различни теми, вклучувајќи ги и оние како секс, анксиозност, антидепресанти и други. Функционира преку дигитален формат и социјалните мрежи.

Првиот настан е одржан лани во Лондон, а вклучувал работилници за сексуално образование, јога, танц. Сите активност во рамки на настанот биле бесплатни, а посебно поради визијата на Абоа – кршење на сите социо-економски бариери за влез.

„Мора да бидат слободни. Не ми е гајле ако мислите дека пет фунти или долари не се многу. Некому се. И сакам да бидам сигурна дека имаат место каде што можат да дојдат. Да имав јас место каде што ќе се чувствував доволно сигурна да зборувам за работите што ми се случувале во животот, не е важно дали се големи или мали, не верувам дека ќе потиснував сè и дека ќе се распаднев на парчиња во таа 2014 година. Всушност, јас сум сега сето она што мене ми беше потребно во училиште и светот околу мене“, потенцира Абоа.

И покрај тоа што со движењето е присутна на Инстаграм мрежата, таа е свесна од потенцијалните токсични ефекти од социјалните мредиуми врз формирањето на психата на младите луѓе.

„Љубомората може да предизвика некои моменти... Се работи за психа. И може да му наштети секому. Кој е поуспешен, или побогат или поубав – секогаш ќе имате можност да бирате. Зошто не отидов на таа забава? Не сте сакале да отидете. Се трудам да не трошам премногу време на такви работи. Целта на „Gurls Talk“ е да создаде мрежа на сигурни места за девојките (и момчињата и сите останати) да зборуваат отворено за нивните формативни искуства. Настаните се само почетокот“, објаснува моделката.

Таа смета дека моделите денес имаат должност моќта што ја имаат на социјалните мрежи, што ги следат голем број луѓе, да ја искористат за добри цели.

„Пред некој ден се расправав со една личност, која ми рече, „Да, но што ако немаат ништо што да кажат?“. Можеби сте против крзното, против суровоста кон животните; можеби е рак на дојката – листата продолжува. Ќе биде многу тажно ако немате ништо поради кое чувствувате страст или потреба да се борите. Мора да постои нешто што сакате да го смените. Имате одговорност. Сите имаме. Оние со многу следбеници на социјалните мрежи уште повеќе, затоа што преку тоа пренесуваат слика за многу нешта. Имате моќ, само треба да ја искористите за добри цели“, вели Абоа.

Да се биде модел сега е многу различно од времето на Линда-Синди-Наоми. Но, и ова кога повеќе го покажуваат полуоткриениот задник, се разликува од замислата на Абоа за тоа што „нов супермодел“ треба да значи. Таа навистина се грижи за модната индустрија и тоа како таа прави младите девојки и момци да се чувствуваат. Се грижи за тоа жените кога ќе видат модел, да имаат со кој да се поистоветат.

На прашањето пак, како реагира на обвинувањата за сексуално злоставување со кои се соочија Брус Вебер и Марио Тестино (а што и двајцата ги одбија).

„Нека ги избркаат. Немам емпатија кон никого. Тоа само може да биде добро. Ќе биде добро за моделите. Ќе биде добро и за дизајнерите, младите фотографи, помалку етаблирани луѓе од индустријата – ќе им се даде шанса“, смета моделот.

На крајот, успех за неа не е тоа што е прогласена за „Модел на годината“(за 2017 од Британскиот моден совет) или за „Жена на годината“ (GQ), туку “зависноста“ што ја развила да им помага на пријателите и оние што ги сака.

„Сите жени во мене се уморни. Јас сум создадена од многу различни жени – мојата мајка, сестра, пријателки – кои ме направиле тоа што сум. Ме потсеќа на тоа кога минувам низ тешки моменти, дека има уште многу други жени кои минуваат низ истото“ – со овој цитат Абоа поентира на прашањето за тоа што неа ѝ е најважно.

Објавено:
22 март 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.000 пати