Андре Куреж – дизајнерот што ни го даде мини-здолништето

12 јануари 2016

Изминатата недела модниот свет се збогуваше со едно големо име. Андре Куреж е француски дизајнер и за многумина модна легенда, кој на 7-ми јануари почина во 92-та година од животот, како последица на долгата борба со Паркинсоновата болест.

Се смета за основач на модата инспирирана од вселената, особено популарна во 1960-тите години и револуционер во модниот свет, заслужен за мини-здолништата на жените, како и мини-фустаните во А-крој, а познат е и по култните „go go “ чизми. Заедно со Пако Рабан и Пјер Карден е основоположник на „space age“ модата.

Андре Куреж е роден на 9-ти март 1923 година во Франција. Уште како момче е фасциниран од сè што е поврзано со уметност, дизајн и мода и посакува да стане сликар. Но, неговите родители инсистираат на практично образование, па почнува да студира инженерство. Градењето мостови не може да го држи неговото внимание долго, па од архитектура и дизајн на ткаенини се префрла на дизајнирање чизми, чевли и машки одела за локалната кројачка работилница.

Неговата кариера ја прекинува војната, каде се приклучува како пилот на воените воздушни сили на Франција. Во Париз пристигнува во 1945 година, каде повторно продолжува со работата што ја сака.

Некое време работи за дизајнерот Жан Лафури, но набргу сфаќа дека му треба подобро образование и тоа кај еден од мајсторите на кутуриерството. Така, Куреж чека до 1950-тата, кога се отвора место кај Кристобал Баленсијага, кај кого останува 11 години, учејќи сè што може да се научи за кроевите, квалитетот и конструкцијата. Годините со Баленсијага го учат да биде сериозен, посветен перфекционист кој се стреми да биде не само дизајнер, туку совршен кројач.

Во 1961 година го отвора својот прв салон, каде негов асистент е исто така поранешен студент на Баленсијага, Куклин Барие, со која се жени шест години подоцна. Токму таа е одговорна за неговите различни модни шоу-а, каде на „пригушени“ светла, девојките се движат во и надвор од собата со звуците на џез музика, што совршено се вклопува во неговите свежи и млади комбинации.

Она што уште повеќе ќе го одвои во наредните години е вметнувањето на футуризмот  во актуелните трендови и мода, создавајќи волшебни, а сепак едноставни креации.

Во 1963 година тој го открива женското одело, сфаќајќи дека жените подеднакво можат да носат одела со панталони. Сепак, неговите женски панталони не се базирани на оние машките, туку се подолги, го покриваат стапалото и имаат висок струк. Мораат да се носат со кошула, или со топ-маички со гол грб.

Уште поголема револуција настапува со откривањето на мини-здолништето. За дизајнерот,  тоа е тотално ослободување на жените. Иако се водеше битка за тоа кој е изумител на мини-здолништето – тој или Мери Квант, сепак заслугите одат и кај двајцата.

Британската дизајнерка Мери Кант во 1955 година го отвора својот бутик Bazaar и започнува да ги менува дотогаш утврдените модни правила според француската мода. Всушност, таа е дамата која направи модна револуција откако во 1965 година лансираше здолништа кои беа за неколку сантиметри пократки од здолништата до глужд. Оттука започнува и трендот на мини здолништа, име добиено по името на нејзиниот омилен автомобил Мини. Она што го направи Мери во Британија, Андре го прави во Франција.

Едно од нештата што овој дизајнер сакаше да го постигне е издолжување на нозете, па затоа од сезона во сезона, здолништата стануваат сè покуси. А тоа пак, со цел за полесно движење – седнување, станување, трчање, влегување во автомобил и слично...

Сите креации на Куреж се создадени за модерната жена и модерниот начин на живот.

Во 1964-тата година пред модниот свет ја презентира неговата „Space Age“ колекција, а во годините што доаѓаат, здолништата од колекцијата од 1965 година се ископирани веќе ширум светот.

Тоа многу го лути. Особено она што тој лично го смета за плагијат. А токму таа лутина придонесува одреден период да се повлече од јавниот живот и да се посвети само на клиените што шијат по мерка. Сепак, одлучува во иднина никој да не може да профитира крадејќи ги неговите дизајни, а тоа го постигнува со тоа што и самиот лансира ready-to-wear колекции, достапни насекаде во светот.

Во 1967 година почнува да експериментира со транспарентноста, создавајќи комбинезони и кратки фустани од органза, украсени со детали до винил или геометриски форми.

Неговата популарност и моќ во модната индустрија трае во текот на 1960-тите, но кога на сцена ќе настапат широките и неформални 1970-ти, неговиот стил се повлекува. Сепак, тоа не го спречува да твори, па креативноста ја преточи во парфеми и тоа во неколку линии.

Модната куќа што го носи името „АС“ (André and Coqueline), неколку пати ги смени сопствениците, а во 1983 година јапонски инвеститори земаат удел од 65 проценти. Во 1985 година дизајнерот престанува сосема да се занимава со создавање на couture колекции. Но, во раните 1990-ти, кога 1960-тите сосема оживуваат, тој неговата футуристичка мода ја внесува во 21-от век.

На крајот, во 2011 година, неговата модна куќа ја продаваат Жак Банжер и Фредерик Торлотинг:

-Кога чувството на почит кон брендот е присутно, тогаш може да се роди повторно, без да го изгуби својот интегритет – изјави тогаш Банжер.

Андре креирал и за Жаклин Кенеди и за Мајл Сајрус. Кенеди била негова посветена клиентка во текот на 190-тите, заедно со Кетрин Денев, Брижит Бардо, додека пак Сајрус носеше неколку негови парчиња на доделувањето на Ем-Ти-Ви видео наградите минатата година, кога беше и домаќин на манифестацијата.

И покрај револуционерноста и достигнувањата во модниот свет, Куреж никогаш не е поврзуван со его-трип. Напротив, него го опишуваат како срамежлив, тивок и различен, човек кој претпочита себеси да се гледа како уметник, отколку како бизнисмен.

Во последните години, кога веќе не се занимава со дизајнерство, Андре се врти кон скулпторството и сликарството.

-Ако се случи субјектот да е жена, можеби ќе и направам фустан. Но, понекогаш фустанот не е доволен да комуницира и да ги пренесе сите емоции кои сакам да ги дадам. Затоа, се трудам да ги изразам моите идеи и преку други медиуми – изјави дизајнерот во една пригода.

Објавено:
12 јануари 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
486 пати