Блогерката Tuula Vintage искрено и емотивно за проблемите со бременоста

10 март 2017

Ако понекогаш сакате да погледнете што се случува на профилите на светски познатите блогерки на Инстаграм, тогаш веројатно неодамна ја погледнавте и емотивната објава на прекрасната Џесика Стен која неколку години го има својот супер блог „Tuula Vintage“.

Имено, таа ги израдува нејзините обожаватели со објавата дека е бремена веќе седми месец, но ги извести и дека периодот што изминал воопшто не бил лесен за неа.

„Отсекогаш сонував да бидам мајка, но никогаш не знаев дали ќе можам да бидам. Доживеав неколку страшни внатрешни повреди кога бев дел од сообраќајна несреќа на 16 години и докторите ми рекоа дека можеби никогаш нема да можам да родам“, ја започнува таа објавата.

Таа пишува и дека сака сите да ја разберат зошто ја објавува веста за бременоста и проблемите јавно, а тоа го прави само со една цел – да го сподели искуството со некој на кого можеби многу ќе му значи.

Познатата модна блогерка во својот пост соопшти и дека страдала од пред – породилна депресија и сака со сите да ги сподели предизвиците со кои се соочила.

„На прегледот во 20 – тата недела докторите забележаа недостиг на плодова вода која течела од мене како резултат на повредите од сообраќајката и ми рекоа дека морам да мирувам. Со такви симптоми, бев итно преместена во болница каде морав да лежам неколку недели“, пишува Џесика во објавата.

„Иако мојот партнер беше неверојатно добар со мене и беше моја поддршка 24 часа, последниве неколку месеци се чувствував како да сум сосема сама на светот“, вели таа.

Нејзиниот пост завршува сосема позитивно, со тоа што таа им објаснува на нејзините обожаватели дека сега сѐ е во ред и дека во себе носи мал борец кој сака да ги помине сите пречки.

„Пред неколку дена за прв пат се почувствувавме возбудени и среќни кога ме пуштија од болница и конечно можам да кажам дека малку се смирив. Им благодарам на докторите и сите во болницата кои се грижеа за мене и на сите жени кои ги споделија искуствата со мене. Сѐ уште не сме сто проценти сигурни дека сѐ ќе биде во ред, но кога подобро ќе размислам тоа е така за сѐ во животот. Засега ќе ги оставиме сите грижи настрана и ќе уживаме додека го чекаме нашето мало чудо“, напиша за крај познатата блогерка.

Објавено:
10 март 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
624 пати