Брутално искрената приказна за Анџелина Џоли...

20 ноември 2014

Анџелина Џоли зад себе остава една неверојатно плодна година во која ќе каже дека се стекнала со многу животни искуства, го направила она што долго време го посакувала и ја почувствувала сета среќа на светот.

Во нејзиното последно интервју за магазинот Du Jour, таа ги изненади нејзините обожаватели со изјавата дека многу наскоро планира да се откаже од актерството и целосно да се посвети на режијата.

„Никогаш не сум се чувствувала удобно како актерка. Никогаш не сакав да сум пред камера. Никогаш и не си помислив дека би можела да режирам филм, но се надевам дека денеска можам да градам таква кариера, бидејќи тоа е она што ме прави вистински среќна“, вели актерката во интервјуто.

Нејзиното последно режисерско остварување е филмот за кој сите имаат огромни очекувања и за кој има големи шанси таа да добие и Оскар – Unbroken.

Честа да биде дел од еден сет на филмот ја имаше познатата авторка, новинарка и консултантка Џанина ди Џовани, која во нејзината колумна за Vanity Fair ја опишува Анџелина како никој друг досега.

Она што нам ни остави најголем впечаток по кој знае кој пат, е фактот што таа е една од „најнормалните“ и сосема обични холивудски ѕвезди кои го живеат животот со полна брзина. И додека на некои од светските актерки најголема опсесија им е што да облечат на следната премиера, она во што ужива славеничката на хуманоста, се долгите напорни сетови на кои таа дава сѐ од себе.

Неповторливата Џанина раскажува дека додека светот мисли дека актерката ужива во нејзините Версаче фустани во топлиот и раскошен дом, таа времето го минува во камповите за бегалци низ светот со нотесот во рака. Во изминатите 14 години, таа била на повеќе од 50 мисии со УНХЦР!

„Таа точно знае да ви каже каде се наоѓаат сите кампови за бегалци во Сирија и колку побегнати има во секој момент. Токму во тие моменти може да се види нејзината вистинска и длабока убавина – без грам шминка, секогаш во црна лежерна комбинација, многу млеко за заштита од сонце и широка насмевка покрај сѐ“, ја опишува новинарката Анџелина.

Токму оттаму таа ја црпи и нејзината огромна инспирација за воените филмови кои ги режира со неверојатен жар и посветеност. И додека цело Сараево се сомневаше дека Лара Крофт може да режира филм за таква тешка тематика, таа на нив им го подари „Во земјата на крв и мед“! Таа го проучи секој дел од историјата, секој еден дел од војната...

„Неа никогаш нема да ја слушнете како се жали дека е болна или уморна од работа. И да има некои сериозни проблеми, таа секогаш ќе одвои време за вас и ќе биде страшно културна. Неа никогаш нема да ја чекате... таа секогаш ќе биде дојдена пред вас на состаноците и ќе ве чека во некој агол со книга или нејзините добро познати бележници“, раскажува Џанина.

Од сето она што го раскажува Џанина за неа, едно е и повеќе од сигурно: Анџелина знае што сака во животот и секогаш се стреми да го оствари тоа.

Таа знаеше и дека сега е вистинското време да им ја исполни желбата на нејзините деца и да ја направи долгоочекуваната венчавка со Бред Пит.

Но, таа немаше венчавка како сите други. Нејзината беше сосема смирена, уникатна, единствена...Немаше ниту еден организатор на цветни или било какви декорации, бидејќи сето тоа го заврши мајката на Бред. Немаше ниту огромна торта... децата и направија, дури и фустанот и го украсија...

И додека сите мислат дека таа секојдневно оди на третмани за убавина и ужива во благодетите што и ги носи славата, таа ужива да јаде тортиља и да гледа фудбал во доцните часови од ноќта, додека нејзините шест деца и ги откриваат нивните најслатки тајни на кои таа одговара со топла насмевка!

Во пресрет на светската премиера на нејзиното последно режисерско остварување Unbroken во кое таа раскажува за Олимпиецот и воениот херој Луис Замперини, погледнете го трејлерот на бруталната вистинска приказна за која се очекува да освои многу срца!

Објавено:
20 ноември 2014
Категорија: 
Стории