Да се остане вечно млад или да се остане жив?

21 јуни 2016

Жаки Рејланд е името на 29-годишната самохрана мајка на две деца која е во потрага по вечната младост. Таа е дел од шоуто „Body Freaks“, а за британската телевизија „Канал 5“ изјави како дневно прави 100 селфија и го зема хормонот (HGH – Human Growth Hormone) за кој смета дека ѝ помага да го одржи младиот изглед.

Веројатно сте шокирани од изјавата имајќи предвид дека е родител на две малолетни деца. Во интервјуто вели, свесна е за ризикот што го носи инјектирањето на хормонот кој спаѓа во медикаменти од класа Ц, но исто така, признава дека станала зависна.

Инаку, таквите инјекции во Британија не се дозволени. Дури и кога би ги користеле, за тоа мора да имате дозвола од лекар. Затоа, таа ги набавува на илегален начин.

-Прави кожата да ви изгледа подобро, ве прави помлади, а ноктите и косата растат бргу. Несакано дејство може да биде тоа што хормонот може да предизвика и растење (зголемување) на срцето, што може да биде опасно. Ако имате канцерогени клетки во телото, ќе го забрза и нивното растење – објаснува Рејланд.

Дали има зависнички својства? Таа вели да.

-Да, но од резултатите што ги добивате. Сум забележала дека, кога не го користам, веднаш се здебелувам, се чувствувам изморено и не толку позитивно – признава Жаки.

На патот до совршеното тело, таа користела и стероиди. Потребата за забранети супстанци ѝ се појавила откако теретаната и вежбањето не ѝ ги дале саканите резултати.

-Доаѓате до одредено ниво и потоа треба да го достигнете следното и се прашувате како можете да го направите тоа. Ми велеа дека ова што го правам е лудост и многу голем ризик. Но, ако некој ми кажува да не правам нешто, девет од десет пати, јас сепак ќе го направам – раскажува 29-годишната мајка.

Кога се пластичните операции во прашање, вели, ја научила лекцијата и тоа откако вградила силикони и ѝ пукнале. Тоа предизвикало итна хируршка интервенција, особено бидејќи еден од имплантантите испуштал токсични хемикалии во телото.

Првото зголемување на градите го прави на 17-годишна возраст. Не ѝ се допаѓало што расте, а има рамни гради. Сакала да го смени својот изглед, но од оваа перспектива, никогаш повторно не би го направила тоа.

-Да знаев на 17 години, кога одев на операција, она што го знам сега, немаше да го направам тоа – вели мајката на Грејс (9) и Џејмс (7), која сега и воопшто не би имала имплантанти да не морала да направи и трета операција.

Пукањето на силиконот направило такво оштетување, со што морала да направи уште еден зафат, а тоа ѝ помогнало во заработувачката.

-Градите прават луѓето да ме забележат. Нема ден, а на интернет некој да не ги спомене моите гради – открива Жаки, која има 101.000 следбеници на Твитер и речиси исто толку на Инстаграм и Снепчет.

На нејзиниот Твитер профил објавила и „Амазон листа на желби“, а вели, многу бргу потоа почнала да добива скапи подароци од непознати лица.

-Најчесто немам поим кој ги праќа. На пример, не знам од кого е телевизорот со рамен екран што го имам во спалната соба, едноставно се појави.

Освен ова, добила и Apple Mac, чевли, „Луј Витон“ очила за сонце, алка од „Картие“, „Ролекс“ вреден 5.000 фунти и уште многу други нешта.

Вниманието што го добила вели е благодарение на нејзината опсесија со селфи-фотографии.

-Правам по 100 дневно, во салата за вежбање, во кревет, секаде. За мене селфијата се како воздух. Како дишење. Опсесијата со фотографирањето всушност доведе до опсесијата со моето тело. Да, кога некој ќе ми каже дека сум празна, површна и опседната со телото, јас велам: „Да, сосема си во право!“.

На крајот, признава дека не би сакала нејзината ќерка да ги следи нејзините стапки. Загрижена е дека малото девојче ќе се претвори во неа и дека како што ќе станува постара, така ќе биде сѐ поопседната со изгледот. Сепак, загриженоста очигледно не е доволна, бидејќи не планира да даде подобар пример.

-Мислам дека никогаш не би престанала со ова што го правам, освен кога ќе сум мртва. Можеби е срамно што сум една од најголемите селфи-корисници, но не можам да се жалам, бидејќи тоа ме донесе овде каде што сум денес – истакнува Жаки, чии ставови и изјави по многу нешта се контроверзни, но од друга страна на радикален начин го изразуваат денешниот идеал за совршенство и убавина.

 

 

Објавено:
21 јуни 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.114 пати