Немажените девојки над 25 години во Кина се сметаат за „остатоци“!

25 мај 2016

Ако мислите дека вашите родители постојано ве притискаат за тоа дека веќе е време да создадете ваше семејство, тогаш овие девојки од Кина живеат во вистински кошмар.

Имено, немажените девојки во Кина кои имаат над 25 години многумина ги нарекуваат и sheng nu, што во буквален превод значи „жени остатоци“!

Младите девојки живеат во вистинска агонија како резултат на страшните притисоци од страна на нивното семејство, блиските и сосема на крај, суровото општество.

Како што тие раскажуваат во трогателното видео, за бизарноста да биде уште поголема, се организира и „пазар“ на кој родителите на немажените и неженетите доаѓаат и разменуваат профили на своите деца со цел тие побрзо да ја најдат својата „сродна“ душа.

Видеото е снимено со цел девојките да ги раскажат своите искуства и сето она низ што поминуваат и да се крене свеста кај популацијата во Кина како дел од кампањата на брендот за убавина SK-ll's „Change Destiny campaign“.

„Одеднаш, после 25 – тата стануваш предмет за кој луѓето зборуваат и го чувствуваш неверојатниот социјален притисок. Се чувствуваш буквално како аутсајдер само затоа што си останала немажена на 25 години“, вели една од девојките која додава дека постојано е „бомбардирана“ со прашања каде и да се појави.

Како што тие ќе кажат, најголемиот притисок доаѓа од страна на нивните родители кои се скршени од сингл статусот на нивните ќерки.

„Во кинеската култура, почитувањето на родителите е нешто најважно, а со тоа што сум немажена се чини како да не ги почитувам воопшто. Таткото на една моја пријателка дури тврди дека токму тоа го предизвикало неговиот срцев удар“, вели една од девојките во видеото.

Изморени од тоа прерано да се чувствуваат остарени и нарекувани со секакви имиња, група девојки од Кина во рамки на кампањата, одлучија да постават нивни фотографии на „пазарот“ со специјални пораки до сите родители кои присуствуваат и разменуваат броеви со други за да ги оженат/омажат своите деца.

Нивните зборови и фотографии испратија силна порака до сите родители, а некои од нив сосема на крајот се согласија и со она што треба да биде правило кога се нивните деца во прашање – само да се среќни и здрави!

Објавено:
25 мај 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.836 пати