Дневник на една брачна игра

10 мај 2016

Процес и создавање на улога е процес на себеистражување, отварање од кое по пат страдаш, гребеш, гризеш, плачеш, се сожалуваш, осознаваш... дознаваш и откриваш вистина. Вистина која била лага. Брачна игра која ја играме од моментот кога ќе влеземе во неа, а сме биле прашани претходно.

Мислам дека сите се радуваме на почетокот и потоа следуваат безброј недоречени работи и ние така ги оставаме од пуста мрзеливост и желба за нашата комфорност, удобност. Читачките проби се невини, убави, слатки, но после извесно време чувствуваш горчливост оти Олби напишал сè што јас сум кажала или не сум кажала, а сум имала можност. Што ти кажува времето? Дека твојот компромис те направил оштетена роба. И можеш да се залажуваш, но изгледа смешно, тажно, очајно и бедно.

Доаѓаат проби на сцена и чувствувам како оние реплики кои се најжестоки најмалку сакам да ги запаметам... Аха, значи пак бегам во мојата удобна столица... Еднаш, два пати, три пати.. и сфаќаш дека си молела да се исклучат светлата, да престанеш да ги слушаш гласовите во твојата глава, обидот кој се претвара во безнадежност оти што ќе правиш ти кутрата така сама, а тој така голем и прекрасен... Сфаќаш дека си градела куќа од кал, и на крај ништото било доволно. И го распостелуваш својот миг, својот талент на сцена оти само тој никогаш и никаде никој нема да ти го земе, и ти станува јасно дека сакаш само вистина, сакаш да ја пренесеш на публиката небаре твојата љубов е реликвија, твојата немоќ е меч со кој остро сечеш парчиња од тебе... И се распаѓаш... Не, не, стануваш свесен за околината, но ако не се најдеш себеси нема ни светот да те најде тебе.

Го гледам Игор и тој се бори со своите демони и сака до крај да егзалтира оти само тоа е начинот со кој можеш да ги одлепиш прстите од сцената. Тони ми дише во врат секоја проба, и ми ја повторува мантрата која ја учиме на првиот час по актерска игра, да ги оставам чевлите од дома пред да влезам на проба. Само го чекав моментот кога ќе се распрснам на 1000 стаклени парчиња. Една среда, едно попладне за време на проба... Не можев повеќе, почнав да се гушам, не можев да земам воздух, излетав од проба и плачев, ама плачев како кога универзумот се распаѓа. Се сетив колку сум со многу луѓе, а колку сум сама. Се сетив дека сум постојано со Кирил и Мина, колку сум се заборавила себеси, како да правев парастос на душата.

Ок, си велам, еве ние тројца ја имаме привилегијата да кажеме сè она што сме премолчиле, сè она што сме сакале да го ставиме во некоја фиока, како стар албум со фотографии кои не сакаме да го отвориме никогаш. Кога се будам наутро, првата мисла е дали ќе го избуткам денот со сите проблеми, предизвици... Секогаш постапувам онака како срцето ти кажува, а љубиш онака како што твојата душа памети... само изгаси ги гласовите во мојата глава, изгаси ги светлата, само нека замолкнат гласовите во мојата глава и не ми попувај, ноќе ја имам моќта, ноќе сум на сцена... Утрата се блескави и вистинити...

Сè си минува, секоја проба е сè поголема борба, ти врие крвта, па се ладиш како мртовец, не спиеш ноќе, да, одвреме навреме стануваш свесен за нештата кои ќе те раздрмаат и врз кои немаш контрола, но сум сама тука и сега... Дали сме со некој само затоа што се плашиме да бидеме сами? Кога ќе се научиме да бидеме сами тогаш секој влез од некој туѓинец ни е бизарен, возможноста страста да стане навика, навиката во досада, смеењето во плач, плачот во крик. О, да,  има многу ноќи непроспиени, моментот кога ти е јасно дека не спиеш оти сакаш да го дочекаш утрото со отворени очи за да не се прелажеш во сопствената желба, нагон, страст која е веќе изгубена ама си велиш мора да ја има ама ја нема мајку му... И би можеле да бидеме ние, ама секој нов кој ќе ти се појави те посакува како нов чифт чевли, нова победа, негов предизвик оти кај мене не постои предизвик, освен за она што го правам на сцена сега и тука... Будење без заспивање.

Бејби Мама

Објавено:
10 мај 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
731 пати