Џорџ Клуни: Плачам четири пати дневно поради близнаците

15 септември 2017

Уште неколку дена до крајот на годинашното издание на Торонто филм фестивал, каде го видовме и Џорџ Клуни во придружба на сопругата Амал, која потоа се врати во Лос Анџелес.

Познатиот актер не дава често интервјуа, но на „Дејли мејл“ им успеа да добијат ексклузива и да позборуваат на темата која веројатно сите ги интересира – татковството.

Дел од разговорот го пренесуваме во продолжение:

Клуни призна дека одењето во Торонто е всушност првото одделување од близнаците кои веќе имаат три и пол месеци.

-Ја гледаш разликата помеѓу нив, нели? Тој е двапати поголем од неа. А таа е малечка и прекрасна. Сега се во Лос Анџелес, а мајка им утринава ми прати фотографии. Добри фотографии прави – открива Клуни.

Гледајќи ги фотографиите гордо, додава:

-Не плачат. Јас плачам повеќе од нив. Во последно време плачам четири пати дневно, затоа што сум многу изморен – признава актерот.

На прашањето, се сеќава ли како беше во времето кога бил сингл и немал вакви грижи, ќе се пошегува:

-Нели беше супер? Но, од шести јуни, кога Амал (39) и јас ги добивме Александар и Ела, мојот живот се смени на начин на кој не можев ниту да претпоставам. Иако не бев сосема свесен за тоа каков ќе биде животот потоа, сите мои пријатели имаат деца и на 20-тина од нив сум им кум и знаеш во што се впуштам. Но, она што ме изненади е колку е покомплицирано да се грижиш за близнаци, отколку само за едно дете.  Тоа не е само двојно повеќе работа, повеќе е од тоа е. И не е за мене толку многу работа, бидејќи тие не знаат сè уште дека постојам! Сè што прават е што спијат и јадат и јас немам ништо што да им дадам освен шишенце со млеко од време на време и тие тогаш се среќни. Амал е нивниот центар сега. Јас дури и не разбирам што се случува. Но, ѝ се восхитувам на мојата сопруга, затоа што таа ги дои, станува на два часа за да ги нахрани и љубовта што ја имаат за неа е нов видик и тоа е прекрасно нешто – објаснува Џорџ.

Признава дека бил подготвен да се откаже од татковството.

-Видете, јас имам 56 години и мислев дека ова никогаш нема да ми се случи. Мислев дека мојот живот ќе биде фокусирана на мојата кариера, не на врските и на некој начин го прифатив тоа. А потоа ја запознав Амал и си помислив, ја имам оваа прекрасна врска, ова е неверојатно убаво. И одеднаш ние ги имаме овие две гулапчиња, кои секој ден ме засмејуваат. Навистина се смешни деца. Тој само јаде, јаде, јаде, седи и вика „уф, уф“. Во мојот живот не сум видел некој што толку многу јаде. А таа е софистицирана, нежна и женствена, и личи на мајка ѝ. Веројатно тоа има смисла, тоа да се толку различни. Денеска сум првпат одвоен од нив откако се родени и жена ми ми праќа фотографии, додека јас седам и размислувам: „Боже, посакувам сега да сум со децата“ и тоа е убаво и забавно – раскажува актерот.

Свесен е дека не е баш млад татко, но тоа не го обесхрабрува.

-Постои ли совршена возраст да се биде родител? Не сум експерт и сум последниот што треба да зборува за тоа како се растат деца. Но, сè што можам е да играм криенка со нив и да се надевам дека ќе успеам да трчам, а не да одам по нив.  Секогаш сум чувствувал огромна одговорност кон другите луѓе во светот, но кога имаш свои деца, сфаќаш дека си одговорен и за нивните живот на начин на кој дотогаш не си бил. Сфаќаш дека сакаш да бидеш пример што ќе го следат. Сакам да бидам сигурен дека моите деца ќе сфатат дека уште од раѓање имаат работи што другите деца за жал немаат, не по нивна вина. Можеа да се родат во Сирија на пример, и нивниот живот ќе беше сосема различен. Предизвик е деца што се родени од познати родители да ги израстеш во луѓе полни со емпатија кон другите што не се толку среќни колку и тие. Тоа е важна работа на која мора да ги научиме со Амал – смета Џорџ.

И покрај тоа што татко му бил познат тв презентер, а тетка му Роузмари позната пејачка, Клуни не јадел од златна лажица.

-Пораснав во Кентаки, и десет години се борев со актерството и имам големо разбирање за тоа како е да се трудиш за да успеат работите. Ќе купев одело со долги ногавици, па ќе ги исечев и ќе ги захевтав со хефталица за да можам да ги носам. Работев и во полиња со тутун за три долари и 30 цени по час. Исто така, продавав осигурување од врата до врата, што е верувајте ми, ужасна работа – вели актерот.

Но, не била и најлошата. Кога имал 18 години, работел во голема продавница.

-Работев во продавница за женски чевли и таму имаше многу грди чевли што требаше да ги продавам. Ова беше во 1979, 1980 година и имаше цела генерација постари жени што сакаат да ги носат. Секој пат кога ќе влезеше 75-годишна жена во продавница, ќе ми речеа „Оди ти“ и тогаш мораш да ги гледаш нивните лоши стапала. Се сеќавам дека многу барав работа и не можев да си дозволам забар, затоа што немав здравствено осигурување. Па, ако денеска ме прашате каков е мојот живот, одговорот ќе биде незгоден, затоа што можам да ја кажав вистината, а тоа е дека ми недостасува шетањето во Централ Парк со мојата сопруга и децата. Би сакал да можам да го правам тоа, но не можам. Ми недостасуваат одредени моменти од приватноста што нема да можам повторно да ги искусам. Но, не е вредно да се жалам, затоа што сум свесен како е и од другата страна и колку е тешко за останатите – се сеќава актерот.

За крај, вели дека среќата на неговите родители за внуците не може да се опише со зборови:

-Неодамна бевме да ги посетиме. Татко ми ги немаше видено бебињата затоа што имаше пневмонија и не сакаше да лета, па ние сакавме да отидеме таму и да поминеме малку време со нив – откри Клуни.

фото извор: popsugar.com; voanews.com;

Објавено:
15 септември 2017
Категорија: 
Стории
Прочитано:
4.313 пати
Извор: 
DailyMail